Пишев: Општина Струмица лаже, но документите не лажат!

Општина Струмица лаже, но документите не лажат. Проценетата вредност на договорот што Општина Струмица го склучила со фирмата „Тритерол“ за правоз на ученици е 1 864.800 денари. Ова денес на прес конференција го истакна пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ Васил Пишев.

 СДСМ и Заев се фатени во офсајд. Тие негираат дека фирмата „Тритерол“ склучила договор за јавна набавка. Тие одат против документите кои сами ги изработуваат и ги склучуваат. Еве ја вистината: Ова е договор за склучена јавна набавка: договорниот орган е општина Струмица со која раководи Зоран Заев. Предмет на договорот за јавна набавка е превоз на ученици за учебната 2014/2015 година, превоз на деца со посебни потреби во ОУ Сандо Масев и вработени во  администрацијата во Струмица. Општина Струмица лаже, но документите не лажат, рече тој.

Според Пишев вториот и поголем скандал е цената по која се врши превозот.  Посочи дека за релацијата Рич – Попчево – Рабовци – Струмица, Општина Струмица освен со „Тритерол“ склучила договор за превоз и со „Струмица Експрес“.

Како што рече за истата дестинација со исто поминати километри за „Струмица Експрес“ по ученик цената е 103 денари, а за „Тритерол“ е значително повеќе, односно 126 денари и нагласи дека од ова станува јасно дека втората фирма очигледно се фаворизира.

Вредноста на договорите со „Струмица Експрес“ за таа релација е 510.300 денари а за Тритерол 612.905 денари, информира Пишев.

Тој нагласи дека Струмица плаќа за речиси два пати поголема просечна цена за превоз на ученици од една Битола и праша дали сега СЈО ќе побара притвор за Заев?

Просечната цена по километар која Струмица ја плаќа за превоз за која отворено постои сомнеж дека дел не се остварува чини 7, 3 денари. Во една Битола просечната цена за превоз е 4,2 денари. Со други зборови Општина Струмица за превоз на ученици плаќа два пати повеќе од општина Битола, рече тој.

Пресконференцијата на Пишев проследете ја во приложеното видео: