Пишев: Сопственикот на „Цареви кули“ добил десетици тендери од Заев тешки речиси 840.000 евра

Аболицираниот криминалец Зоран Заев сеуште се крие и молчи.  Го разбираме, се крие бидејќи е фатен на дело во нови криминали, а молчи што нема ниту еден аргумент, истакна Васил Пишев на денешната прес-конференција.

Во продолжение интегрален текст од прес-конференција на Пишев

Зоран Заев незаконски легализирал луксузен комплекс на Цареви Кули, спротивно на законските одредби. Да биде скандалот поголем овој објект, барем формално е во сопственост на неговиот долгогодишен пријател Коце Ристовски.

Ај што Коце Ристовски е почестен со вака великодушна незаконска легализација, туку за да го потврди нивното скапо пријателство Зоран Заев својот пријател го претворил и во еден од омилените тендер пајташи во општина Струмица, кој на име на разно-разни јавни набавки добил милиони од парите на граѓаните на општина Струмица.

За таа цел Зоран Заев директно преку општина Струмица, но и преку општинските јавни претпријатија, му дал десетици и десетици тендери на Коце Ристовски и неговата фирма Чам Чифлик Голд ДООЕЛ Струмица и тоа за набавка на споменици, одржување цвеќарници, изведби на тротоари, поплочувања, чистење на банкини, користење на вилушкари, уредување на раскрсници и што ли уште не.

Чам Чифлик Голд ДООЕЛ Струмица очигледно не се занимава само со угостителска дејност на Цареви кули, туку е фирма за се, а најмногу за испумпување на буџетски пари во приватни џебови на Кланот. Преку сите овие тендери другарчето Коце Ристовски од Зоран Заев добило речиси 840 илјади евра.

Ова е причината поради која Зоран Заев се крие од јавноста.

На што се должи ова скапо пријателство помеѓу Зоран Заев и Коце Ристовски?

Дали е точно дека во сите овие матни зделки, Коце Ристовски е само параван?

Кој навистина стои зад луксузниот комплекс на Цареви Кули?

Колку од овие милиони завршиле во менувачницата на Вицето?

Криминалот на Зоран Заев е разоткриен. Времето кога аболицираниот криминалец Зоран Заев ќе одговара, се ближи.

Овојпат нема да го спаси ништо и од постапката на институциите, но и од судот на народот на престојните избори.

Заев, можеш да се криеш, но не можеш да побегнеш!