Пиштолот останал кај убиецот поради пропуст на двајца инспектори

Министерството за внатрешни работи утврди низа пропусти кај двајца полицајци кои ги прекршиле процедурите со тоа што не му го одземале пиштолот на трикратниот убиец од Кавадарци.

Полициските службеници не повеле постапка за одземање на оружјето и дозволата за поседување на пиштолот, иако за тоа имале законски основ.

Во првиот случај, на 27 август против убиецот била поднесена кривична пријава за нанесување телесна повреда, при што биле исполнети условите за одземање на пиштолот, врз основа на инструктивна телегрма од Директорот на БЈБ. Во телеграмата е појаснето дека при поднесување на кривични пријави против лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело за кое се гони по службена должност и поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка за прекршоци со елементи на насилство, од страна на полицискиот службеник кој работи на случајот задолжително да се провери во евиденциите дали лицето поседува дозвола за оружје односно дозвола за носење на оружје и истите заедно со оружјето и муницијата привремено да се одземат и за тоа да биде известен судот.

Во вториот случај констатирано е дека во текот на подготвувањето на кривичната пријава за „одземање малолетно лице“ против осомничениот за убиство, Тони Станоев, поднесена на 10 ноември, исто така не постапил согласно процедурата, иако биле исполенти условите за одземање на пиштолот што го поседувал.

Против двајцата инспектори ќе биде поднесена кривична пријава за сторено „несовесно работење“.