Писмо на француска собарка открива нови трогателни детали за „Титаник“

Роуз Амели Икард која тврди дека е единствената Французинка која ја преживеала трагедијата на Титаник напишала писмо кое е долго дури десет страници. Писмото е напишано на 8-ми август 1955-та година.

Многу малку се знае за ноќта кога Титаник потона, но неодамна откриеното писмо  напишано од страна на француската собарка, која ја преживеала трагедијата, открива нови детали за несреќата.

Ова непроверено писмо се појави на сајтот Редит. Имено, еден корисник рекол дека писмото го купил на аукција бидејќи сакал да го преведе од француски на англиски јазик.

Имено, Икард тврди дека му била собарка на американскиот богаташ Џорџ Нелсон Стоун, кој работел како директор на компанијата „Синсинати Бел Телефон“. Тој бил вдовец и со брод патувал до Њујорк.

Икард ова писмо го напишала 43 години по несреќата, а било упатено до ќерка на друг преживеан, кој неодамна починал.

Доколку е вистинито, писмото на Икард дава морничави детали за моментите кога патниците дознале дека бродот тоне. Ова се дел од трогателните сведоштва:

На петтата страница Икард ги опишува патниците кои во паника трчаат кон чамците за спасување

„Во овој момент присуствувавме на незаборавни сцени во кои хоророт се меша со највозвишено јунаштво. Жените, се уште во вечерни фустани, некои токму тогаш станати од кревет едвај облечени, дезориентирани, трчаа во паника низ бродот. Командантот Смит викаше: Жените и децата најпрво! – пишува во писмото.

На шестата страница, Икард го опишува парот кој не сакал да се раздели

„Во моја близина беа повозрасните господин и госпоѓа Штраус, сопственици на голем синџир продавници Мејси од Њујорк. Таа одби да влезе во чамецот, но и помогна на својата слугинка да оди. Ја стави раката околу вратот на сопругот и рече: „Ние сме во брак 50 години, никогаш не сме се напуштиле еден со друг, сакам да умрам со тебе“.

На осмата страница, Икард опишува сцена на еден од бродовите за спасување

„Одеднаш беше темница, потполна и незамислива, врисоци, грозна бучава. Тогаш беше тоа..Понекогаш, 43 години по трагедијата…јас се уште го сонувам сето тоа…“, стои во ова писмо.

Се верува дека Икард починала во 1964 година во Франција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.