Писмо со сочувство од Иванов по повод смртта на Сулејман Демирел

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот турски претседател Сулејман Демирел, упати писмо со сочувство до претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

– Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Република Турција и голем пријател на Република Македонија, Сулејман Демирел. Дозволете ми во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да упатам изрази на длабоко сочувство, се вели во писмото од Иванов.

Претседателот Демирел, како што посочува Иванов, беше наш голем и докажан пријател.

– Во сеќавањата на македонските граѓаните ќе останат врежани спомените за неговата улога во процесот на меѓународното признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име. Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи, се наведува во писмото.

Македонскиот претседател подвлекува дека ќе остане запаметена и почитувана и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина.