Свет

Пјонгјанг бесен на САД зашто санкциите уште не се укинати, обвинува дека се поткопуваат напорите на Трамп

Пјонгјанг бесен на САД зашто санкциите уште не се укинати, обвинува дека се поткопуваат напорите на Трамп

Северна Кореја изрази големо незадоволство кон САД поради тоа што Вашингтон се’ уште не ги укина санкциите против оваа комунистичка земја и истакнува дека направила неколку гестови на добра волја, но сепак, Соединетите држави и натаму го следат „старото сценарио на однесување“ и со тоа загрозуваат секаков потег во насока на денуклеаризацијата.

Северна Кореја и натаму е обременета со бројни меѓународни санкции, како и посебни санкции од САД поради нејзините нуклеарни и ракетни тестирања во минатото. САД бараат целосно разоружување на нејзиниот нуклеарен арсенал, по што најавуваат дека ќе ги укинат санкциите.

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ки Џонг-ун во јуни во Сингапур договорија дека ќе работат на денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров. Меѓутоа, поединости од тој историски договор се’ уште се нејасни, бидејќи Северна Кореја еднострано не прифани одрекување од нуклеарното оружје кое го смета за одбрана од евентуална американска агресија против неа.

Минатонеделниот извештај на Обединетите нации покажа дека Пјонгјанг не престанал да произведува оружје, што го искористија САД да ја повикаат меѓународната заедница да не се откажува од санкциите, како што повикуваа, во прв ред, Кина и Русија, по самитот Трамп – Ким.

Севернокорејското министерство за надворешни работи истакна дека Пјонгјанг спровел низа помирливи потези, како што се запирањето на тестирањето на интерконтиненталните и други проектили, враќањето на посмртните останки на американските војници од Корејската војна, демонтирање на постројките за лансирања и нуклеарни тестирања.

Од Пјонганг, исто така, подвлекуваат дека САД се придржуваат до старото сценарио со коешто „претходните администрации се обидоа, но не успеаја“, како и дека некои американски функционери „ги поткопуваат напорите на Доналд Трамп со неосновани тврдења“. Заклучуваат дека „очекувањето на каков и да е резултат, додека се навредува партнерот во дијалогот… се налудничав чин, како што е чекањето да се изведе јајце кое врие“.

Претходно седмицава севернокорејскиот министер за надворешни работи ги оцени потезите на САД „алармантни“, откако претходно во јули ги нарекоа „гангстерски“ тактиките во процесот на преговори.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг-хо, во моментов престојува во посета на Иран, каде што претседателот Хасан Роухани го предупреди дека на САД не може да им се верива, по искуствата коишто Техеран ги има со администрацијата на Трамп којашто се откажа од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма во замена за симнување на санкциите.

Според иранските медиуми, Ри изјавил дека неговата земја ќе бара начин како да го сочува своето знаење за нуклеарната технологија, доколку реториката на САД кон Северна Кореја стане поагресивна.

„Имајќи предвид дека САД никогаш нема да се откажат од својата непријателска политика кон нас, ние поради тоа ќе го задржиме нашето знаење за нуклеарната технлогија“, го цитираат иранските медиуми во петокот шефот на севрнокорејската дипломатија.