Пјонгјанг ги суспендираше разговорите со Сеул поради воените вежби, закана за откажување на самитот со Трамп

Северна Кореја објави дека ги суспендирала разговорите на високо ниво со Јужна Кореја планирани за средата поради американско-јужнокорејските воени вежби и се закани со откажување на самитот со американскиот претседател Доналд Трамп.

Службената Корејска централна новинска агенција KCNA го оцени како провокација почетокот на американско-јужнокорејските воени вежби на воздушни борби, за коишто рече дека ги вклучуваат и американските „невидливи“ ловци и бомбардерите од типот „B-92“, и притоа објаснува дека Пјонгјанг немал поинаков избор отколку да ги суспендира разговорите на високо ниво со Сеул.

Во коментарот на агенцијата се доведува во сомневање и дали следниот месец ќе се одржи најавуваниот и нестрпливо од светот очекуван историски самит меѓу севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, како што беше најавено, пренесува јужнокорејската агенција Yonhap.

„Ова вежба којашто за цел нѐ има нас, којашто се довива ширум Јужна Кореја, е очигледен предизвик за декларацијата од Мамнунџом и намерна воена провокација против позитивниот политички развој на Корејскиот полуостров. САД, исто така, мораат внимателно да размислат за судбината на планираниот самит Северна Кореја – САД во атмосферата на овој провокативен воен метеж заеднички изведен со властите на Јужна Кореја“, се наведува во пренесениот текст од Пјонгајг.

Ким и Трамп треба да се сретнат на 12-ти јуни на самитот кој до неодамна изгледаше невозможен по тешките лични навреди и закани со војна коишто двајцата челници си ги разменија во текот на минатата година, додека растеа тензиите поради севернокорејскиот напредок во развојот на нуклеарна бомба и интерконтиненталните балистички проектили кои може да достигнат цел на територијата на САД.

Хетер Науерт, портпаролката на американскиот Стејт департмент, изјавила за Reuters дека нема информации од Северна Кореја за заканата да го откаже самитот и дека американската дипломатија продолжува со планирањата на средбата.

Средбата во средата требаше да биде сосредоточена на плановите за спроведување на денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров објавена на меѓукорејскиот самит кој се одржа на 27-ми април во пограничното село Панмунџом, меѓу кои беше и ветувањето за официјално завршување на Корејската војна и напорите за „целосна денуклеаризација“, соопшти во вторникот јужнокорејското министерство за обединување кое се занимава со врските со Северот.