Пјонгјанг го обвини Трамп дека ја „запалил искрата на војната“ и се заканува со „огнен град“

Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг Хо/ © AP Photo/Richard Drew

Американскиот претседател Донадл Трамп „ја запали искрата на војната“ со Северна Кореја и неговата земја ќе ја снајде „град од оган“, изјавил во средата севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо.

Тензиите и вербалната војна полна со закани и навреди меѓу Северна Кореја и САД пораснаа изминатите седмици поради демонстрациите на напредокот на севернокорејското нуклеарно оружје и програмата за развој на интерконтиненталните балистички проектили за кои Пјонгјанг тврди дека може да понесат нуклеарна боева глава и да погодат која и да е цел на американскиот континент. Изминатите седмици беше изведен шестиот нуклеарен тест за кој Северна Кореја објави дека бил успешна проба на хидрогенска бомба, а исто така истрела и неколку балистички проектили со среден дострел кои ја прелетаа територијата на Јапонија.

Зборувајќи за руската новинска агенција ТАСС, севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо изјави дека нуклеарната програма на неговата земја гарантира мир и безбедност во регионот, како и дека за неа не може да се дискутира.

„Трамп со својата воинствена и безумна изјава во Обединетите нации ја запали искрата на војната против нас“, го цитира ТАСС шефот на севрнокорејската дипломатија, алудирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој на Генералното собрание на ОН изјави дека ќе ја уништи Северна Кореја доколку е потребно.

Шефот на севернокорејската делегација порачува дека ваквите изјави на американскиот челник нема да останат без одговор и оти народот и армијата на Северна Кореја бараат од раководството на земјата САД да платат за таквите активности.

„Тој (челникот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун) кажа дека нашите стратешки сили, кои располагаат со неисцрпна сила, сѐ уште никому непозната, нема да ја остават Америка неказнета. Дојде редот САД да платат, и целата наша армија, и народот силно бараат со Американците да се среди конечната сметка само со примена на огнен град, а не со зборови“.

Ри притоа го нарекува Трамп „Претседателот Зло“ и оти неговите коментари веројатно придонеле за ескалација на војната со зборови меѓу американскиот и севернокорејскиот челник.

„Речиси ја достигнавме последната точка од патувањето кон конечната цел – да се постигне стварна рамнотежа на силите со САД. Нашиот начелен став е дека никогаш нема да се согласиме на преговори во коишто ќе се преговара за нуклеарното оружје“, додава Ри.