Пјонгјанг и на јужнокорејските новинари им дозволи следење на затворањето на нуклeарниот полигон

Северна Кореја, сепак, и на јужнокорејските новинари им доволи да го следат затворањето на нејзиниот полигон за нуклеарни тестирања, објавија во средата властите во Сеул.

Новинарските екипи од Кина, Русија, САД и Велика Британија допатуваа во вторникот со чартер лет од Пекинг во севернокорејскиот пристанишен град Вонсан, од каде што треба да тргнат кон планинската област Панџери каде што се наоѓа полигонот.

На јужнокорејските новинари, вкупно осумина по четворица агенциски и телевизиски, не им беше дозволено да се качат на летот, бидејќи Северна Кореја одби да го прифати списокот со имињата на новинарите кој го доставил Сеул. Според последните информации, на јужнокорејските новинари сепак им било дозволено да го следат настанот, што го поздравија властите на Југот.

Новинарите коишто се веќе пристигнати во Вонсан во средата го чекале возот со којшто ќе патуваат 12 часа до крајната дестинација, напиша на Twitter продуцентот на британската телевиија Sky News, Мајкл Гринфилд.

„Се чини дека јужнокорејските новинари ќе ни се приклучат со задоцнување, но ние на терен не ги добиваме поединостите“, додаде Гринфилд.

На 12-ти мај севернокорејското министерство за надворешни работи објави дека јавната церемонија на затворањето на нуклеарниот полигон Пунџери ќе се одвива во деновите меѓу 23-ти и 25-ти мај. Појаснија дека точниот датум на церемонијата ќе зависи од временските услови. Со овој настан Пјонгјанг очигледно сака да ја демонстрира својата доследност во напуштањето на нуклеарната програма.

Американскиот претседател Доналд Трамп оцени во меѓувреме дека севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун е „сериозен“ во намерата од својата земја да го отстрани нуклеарното оружје, но не ја исклучи можноста да се одложи нивниот историски самит кој е закажан за 12-ти јуни.

Ким Џонг-ун најави во април затворање на овие постројки објаснувајќи дека полигонот „ја исполнил задачата“, како и дека „работата на инсталацијата на нуклеарните боеви глави на балистичките ракети е завршена“.

Северна Кореја се закани минатата седмица дека ќе го откаже споменатиот состанок на врвот во Сингапур, а директен повод за тоа се одржувањето на заедниките масивни воени вежби на Јужна Кореја и САД.