Пјонгјанг ја прифатил понудата на Сеул за разговори во вторникот

Северна Кореја во петокот го прифатила јужнокорејскиот предлог за разговори на високо ниво следниот вторник, соопшти јужнокорејското министерство задолжено за меѓукорејските врски.

„Северна Кореја утрово со телефакс ни испрати порака во којашто го прифаќа предлогот на Југот за разговори на 9-ти јануари“, изјавил за AFP функционер на Јужна Кореја.

Средбата ќе биде организирана во Панмуџон, село на границата меѓу двете земји, каде што е потпишано примирјето во Корејската војна, којашто траеше од 1950 до 1953 година, со што технички Северот и Југот сѐ уште се во војна бидејќи не е потпишан мировен договор.

Портпаролот на министерството за обединување, Баек Тае-хјун, изјавил за новинарите дека тема на разговорите ќе бидат Зимските олимписки игри коишто ќе се одржат во јужнокорејски Пјеонгчанг во периодот од 9-ти до 25-ти февруари и „подобрувањето на односите меѓу двете Кореи“.

Дијалогот доаѓа по двегодишното опасно зголемување на тензиите на полуостровот, откако Северот изведе три нуклеарни теста, од кои последниот најсилниот од сите досегашни шест, и низа лансирање на проектили со различни дострели, меѓу нив и интерконтинентални. Пјонгајнг сега тврди дека ја остварил својата воена цел и дека станал нуклеарна сила, којашто поседува оружје „за одвраќање на американската агресија“ кое може да достигне секоја цел на територијата на САД.

Севернокорејскиот Ким Џонг-ун во понеделникот во своето новогодишно обраќање до нацијата, порача, што е многу редок случај, дека би му пружил рака на Југот. Сеул возврати со понуда за организирање разговори на високо ниво во Панмунџон на 9-ти јануари, што се првите такви разговори од 2015 година.

САД и Јужна Кореја во четвртокот ноќта договорија дека ќе ги одложат воените маневри коишто требаше да се одржат за време на зимската олимпијада, во знак на помирување со власта на Северна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.