Свет

Пјонгјанг: На САД ќе им нанесеме патење и болка

Пјонгјанг: На САД ќе им нанесеме патење и болка

Северна Кореја ги предупреди САД дека ќе им „зададе најголемо патење и болка“ доколку продолжат со барањата за нови построги санкции против неа поради нејзините ракетни и нуклеарни програми.

САД формално побараа од Советот за безбедност при Обединетите нации во понеделникот да гласа за нацрт-резолуцијата која предвидува нови построги санкции против Северна Кореја. САД сакаат Советот за безбедност да наметне нафтено ембарго за Пјонгјанг, да забрани извоз на текстил, вработување на севернокорејските работници во странство и замрзнување на имотот и да донесе забрана за патувања на севернокорејскиот лидер Кин Џонг-ун, се наведува во нацрт-резолуцијата.

Министерството за наворешни работи на Северна Кореја предупреди дека доколку Вашингтон биде истраен во усвојувањето на, како што ја нарекоа, незаконската резолуција, Пјонгјанг ќе преземе мерки за „САД да ја платат цената“.

„Мерките коишто ќе ги преземеме ќе им нанесат на Соединетите држави најголемо патење и болка. Светот ќе биде сведок дека Северна Кореја може да ги скроти американските гангстери со низа мерки кои ќе бидат многу потешки отколку што тие може да замислат“, се наведува во севернокорејското соопштение.

Советот за безбедност при ОН ќе заседава во понеделник и ќе расправа за новите санкции против Северна Кореја, обвинета дека го загрозува мирот со своите нуклеарни и балистички програми. Засега е неизвесно како ќе гласаат сојузничката на Пјонгјанг, Кина и нејзиниот традиционален партнер во Советот за безбедност Русија. За да биде прифатена резолуција во Советот за безбедност потребни се девет гласови „за“, со тоа што ниедна од петте постојани членки: Велика Британија, САД, Франција, Русија и Кина не смеат да вложат вето.

Тензиите на Корејскиот полуостров ескалираа по повеќето лансирања ракети од почетокот на годинава и по неодамнешниот шести и најмоќен досега нуклеарен тест. Експертите веруваат дека Северна Кореја е близу постигнувањето на целта да развие моќно нуклеарно оружје со коешто може да ги достигне САД.