Пјонгјанг најави забрзување на воената програма и покрај санкциите

© AP Photo/Lee Jin-man

Северна Кореја вети во средата дека ќе ги забрза нејзините забранети од меѓународната заедница воени програми како одговор на „штетните“ санкции на Советот за безбедност при Обединетите нации по нејзината шеста и досега најмоќна нуклеарна проба изведена на почетокот од септември.

„Усвојувањето на уште една незаконска и штетна резолуција за санкциите под водство на САД потврдува за Северна Кореја дека патот којшто го избрала е апсолутно вистинскиот“, соопшти севернокорејското министерство за надворешни работи.

„Северна Кореја ќе ги удвои напорите за зголемување на своите сили за да го заштити суверенитетот на земјата и правото на постоење“, додава Пјонгјанг.

„Таканаречената Резолуцја е фабрикувана од страна на САД која ги емитува сите недостојни и агресивни средства и методи. Северна Кореја најодлучно ја осудува и категорично ја отрфрла ’резолуцијата 2375’ на СБ на ООН за санкциите, коишто се производ на одбивната провокација, насочена за да ѝ го одземе на Северна Кореја нејзиното легитимно право на самоодбрана и целосно задушување на државата и нејзините граѓани со целосна екононмска блокада“, го цитира натаму соопштението службената новинска агенција KCNA.

Советот за безбедност при Обединетите нации во понеделникот едногласно го изгласа предлогот за резолуцијата поднесена од САД, кои сепак го ублажија во последен момент, со кој се воведува осмиот пакет санкции од 2006 година, со кој треба да се натера Пјонгјанг да се откаже од својата балистичка и нуклеарна програма.