Пјонгјанг порача дека ќе ги уништи Јапонија и САД

Севернокорејскиот државен комитет објави во четвртокот дека Северна Кореја со своето нуклеарно оружје ќе ги „потопи“ Јапонија и ќе ги сведе САД „на пепел и темнина“ поради тоа што овие две земји ја поддржаа најновата резолуција на Обединетите нации со кои се заоструваат санкциите против Пјонгјанг.

Корејскиот азиски-пацифички мировен комитет, државна агенција којашто се занимава со надворешните односи на Северна Кореја и со пропаганда, исто така, повика на распуштање на Советот за безбедност при ОН, кој го прогласи за „оружје на злото“ составено од корумпирани земји со коишто управуваат САД.

„Четирите острови од архипелагот треба да бидат потопени во море со нуклеарните бомби на Џуче. Јапонија веќе не треба да постои покрај нас“, наведува Комитетот во соопштението коешто го цитира службената новинска агенција KCNA.

Под терминот Џуче/Чучхе (Juche – англиски) се подразбура државната идеологија на Северна Кореја коајшто ги комбинира марксизмот и национализмот, а ја осмислил основачот на оваа комунистичка земја, Ким Ил Сунг, дедо на сегашниот челник Ким Џонг-ун.

Тензиите на Корејскиот полуострови опасно ескалираа откако на 3-ти септември Пјонгјанг објави дека го извел својот шести и досега најмоќен нуклеарен тест, за кој тврди дека бил успешна проба на хидрогенска бомба којашто може да се смести во боевата глава на интерконтинентална балистичка ракета којашто може да достигне до континенталните делови на САД. Претходно Северна Кореја, во последниот од низата ракетни тестови годинава, лансираше проектил која ја прелета територијата на Јапонија.

Како одговор на ваквите кршења на претходните резолуции на ОН, Советот за безбедност при светската организација во понеделникот едногласно го прифати американскио предлог за новиот осми пакет заострени санкции против Северна Кореја.
Споменатиот севернокорејски Комитет на тоа реагираше со нови закани. „Да го сведиме континенталниот дел на Соединетите држави на пепел и темнина. Да го покажеме својот гнев така што ќе ги мобилизираме сите свои средства за одмазда коишто досега ги подготвивме“, се наведува во соопштението на Комитетот.