Пјонгјанг предупредува за воените вежби на Вашингтон и Сеул

Фотографија снимена на 29 јули 2017 година на американскиот тактички ракетен систем (ATACMS) кој лансира ракета во Источно Море од непозната локација во Јужна Кореја (via AFP)

Северна Кореја ги предупреди САД дека „само долеваат масло на огнот“ со воените вежби кои во понеделник ќе ги започнат, додека расте ескалацијата на тензиите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.

Во јули Северна Кореја тестираше две интерконтинентални балистички ракети за кои се проценува дека може да достигнат значителен дела од американскиот континент. Реагирајќи на тоа, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани со „сите можни средства“ на Северна Кореја.

На тоа Пјонгјанг одговори со предупредување дека ќе истрела четири балистички ракети со среден дострел врз американската територија Гуам во Тихиот Океан. Севернокорејскиот лидер Ким Џоннг-ун го стави тој план на чекање, но предупреди дека неговото спроведување зависи единствено од однесувањето на Вашингтон.

Сеул и Вашингтон во понеделник ќе ја започнат најавената заедничка годишна голема воена вежба под називот „Ulchi Freedom Guardian“ во чиишто рамки повеќе десетици илјади војници ќе се увежбуваат за заштита на Јужна Кореја од севернокорејски напад. За Пјонгјанг оваа вежба претставува провокација и проба за инвазија на нејзината територија и, како секоја година, се заканува со воена одмазда.

„Заедничките маневри се експлицитен израз на нивните непријателства кон нас, и никој не може да гарантира дека таа вежба нема да се претвори во вистинска битка. Заедничките вежби Ulchi Freedom Guardian само ќе долее масло на огнот и ќе ја влоши ситуацијата на полуостровот“, пишува во неделата дневниот весник Rodong Sinmun, гласило на единствената владејачка комунистичка партија во Северна Кореја.

Американскиот Стејт дипартмент соопшти дека операцијата Ulchi Freedom Guardian (UFG), којашто првпат е изведена во 1976 година и се заснова главно на компјутерска симулација, ќе се одржи како што е претходно е предвидено.

Пентагон во петокот соопшти дека во вежбите ќе учествуваат околу 17.500 американски војници заедно со војници од Австралија, Канада, Колумбија, Данска, Нов Зеланд, Холандија и Велика Британија.

„ Ulchi Freedom Guardian (UFG) претставува компјутерска симулација на одбранбена воена вежба со цел да се зголеми подготвеноста, да се заштити регионот и да се одржи стабилноста на Корејскиот полуостров“, се наведува во соопштението на Пентагон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.