Пјонгјанг се закани дека ќе изврши напади врз САД

Северна Кореја се закани дека ќе изведе напади врз Белата куќа, Пентагон и „целиот континентален дел на САД, кои претставуваат септичка јама за тероризмот“.

Заканите следат по конфликтот околу хакерските напади врз компанија „Сони пикчрс“ поради што уште повеќе се заострија односите помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг.

Во соопштението на Комисијата за национална безбедност во Пјонгјанг се оценува дека претседателот на САД Барак Обама непромислено шири гласини дека Северна Кореја ги организирала хакерските напади врз „Сони“ поради филмот „Интервју“.

Комисијата со која претседава лидерот Ким Џонг ун, предупреди дека војската на Северна Кореја е подготвена да ги употреби сите облици на воената машинерија против Вашингтон.

-Нашиот најжесток одговор ќе биде насочен кон Белата куќа, Пентагон и „целиот континентален дел на САД, кои претставуваат септичка јама за терорисмот, а со што ќе го надминеме противодговорот што го најави Обама, се вели во соопштението кое го пренесува севернокорејската агенција KCNA.

Компанијата „Сони“ се најде на мета на хакерските напади поради филмот „Интервју“, во кој се говори за измислен атентат врз лидерот на Кореја.

ФБИ води истрага за хакерскиот напад врз компанијата и смета дека нападот бил изведен од Северна Кореја.

Обама најави вчера дека Вашингтон „пропорционално“ ќе одговори на нападите. Исто така, тој најави дека ќе се разгледа прашањето дали Северна Кореја треба повторно да биде вратена на листата земји што го спонзорираат тероризмот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.