Пјонгјанг спроведува големи воени вежби, САД одговорија со подморница во Јужна Кореја

Северна Кореја во вторникот започна големи воени артилериски вежби одбележувајќи ја 85-годишнината од основањето на својата армоја, а истовремено САД демонстрираа воена моќ со впловувањето на подморница во јужнокорејско пристаниште во моментите кога расте загриженоста на светот поради јакнењето на тензиите предизвикани со нуклеарната програма на Пјонгјанг.

Јужнокорејската новинска агенција Yonhap повикувајќи се на владини извори пренесува дека севернокорејската армија извела голема артилериска вежба во областа на пристанишниот град Вонсан. Се претпоставува дека на вежбите лично присуствува младиот комунистички челник Ким Џонг-ун. Крај Вонсан се распоредени во вторникот голем број артилериско оружје со долг дострел, рекле воени извори во Сеул.

Американската подморница на нукеларен погон „Мичиген“, пак, вплови во јужнокорејското пристаниште Бусан во моментите додека ударната група водена со носачот на авиони „Карл Вилсон“ заплови кон корејските води, а дипломатите од Јужна Кореја, Јапонија и САД во Токио разговараат за севернокорејската истрајност во развивањето на својата нуклеарна и балистичка програма.

На носачот „Карл Вилсон“ има десетица борбени авиони и хеликоптери, меѓу кои и 24 палубни ловци-бомбардери „F/A 18“, десет авиони цистерни, десетина противподморнички авиони од типот „S-3A“, шест противподморнички тактички хеликоптери „SSH-3H“, четири радиоелектронски разузнавачки авиони „EA-6B“, четири авиони за далечинско разузнавање „Е-2“. Покрај носачот на авиони, во ударната група влегуваат и ракетниот крстосувач „Лејк Чемплејн“(CG-57), разурнувачите „Мајкл Марфи“ (DDG-112) и „Вејн Е. Мејер“ (DDG-108), кои се опремени со системите за рано откривање „Иџис“(Aegis).

Јужнокорејската морнарица објави истовремено дека во вторникот изведува заеднички воени вежби со американските разурнувачи во водите западно од Кирејскиот полуостров, како и дека наскоро ќе им се пруидружи носачот на авиони „Карл Вилсон“.

Последните седмици расте загриженоста поради можноста Северна Кореја да изведе нови тестирања на својот нуклеарен арсенал и ракети со долг дострел, пркосејќи му на новиот круг санкции од Обединетите нации.

Челниците на трите делегации во Токио се договорија за зајакнување на притисокот врз Пјонгјанг. Специјалниот претставник на американскиот Стејт департмент за Северна Кореја, заменик на државниот секретар Џозеф Јун, изјави дека Пјонгјан воопшто не сака дијалог.

За вторник се најавени и јапонско-кинески разговори посветени на прашањата поврзани со Северна Кореја.

Стејт департментот во понеделникот најави дека американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе претседава со специјалниот министерски состанок на Советот за безбедност на ОН за Северна Кореја кој е закажан за петок. За кризата државниот секретар, исто така, заедно со министерот за одбрана Џон Матис, директорот на национлната разузнавачка служба Дан Коатс и командантот на штабот на вооружените сили генералот Џозеф Данфорд, ќе го известат американскиот Сенат, што е формат кој многу ретко се организира.

Во понеделникот американскиот претседател Доналд Трамп повика на нови посилни санкции од ОН против Северна Кореја, порачувајќи дека оваа земја претставува глобална закана и „поблем кој треба да го решиме“. „Позицијата на статус-кво во Северна Кореја е неприфатлива“, изјави Трамп пред 15-те амбасадори на земјите членки на Советот за безбедност на ОН кои ги покани во Белата куќа.

Официјалните кинески медиуми во вторникот порачаа дека и Пјонгјанг и Вашингтон мора да направат „чекор наназад“ во острата реторика и „да го послушаат гласот на разумот“ кој повикува на мирно решение. Во телефонскиот разговор од понеделникот со Трамп, неговиот кинески колега Кси Џинпинг повика на воздржаност од сите страни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.