„Пју“: Мнозинството Американци против вооружување на Украина

Над половина Американци се против доставување оружје на Украина, иако во САД расте поддршката за таков чекор, покажува најновата анкета на истражувачкиот центар „Пју“ од Вашингтон, пренесува МИА.

Според истражувањето објавено овој месец, 53 отсто од Американците се против вооружување на Украина, што е девет процентни поени помалку во однос на април минатата година.

Истовремено, поддршката за вооружување на властите во Киев, бележи раст од 30 на 41 процент.

Речиси половина анкетирани ја одобруваат идејата САД да ја вооружат украинската армија, додека 46 отсто се против тоа, покажува истражувањето.

Истата анкета, спроведена на примерок од 1.500 полнолетни граѓани, покажува дека 70 отсто од Американците имаат негативно мислење за рускиот претседател Владимир Путин, од кои 40 проценти исклучително негативно.