Планетата Земја надминала четири од девет еколошки граници

Земјата по активностите на човекот, надминала четири од девет еколошки граници и со тоа се приближи до „зоната на опасност“, се вели во студија објавена во Сајенс, пренесе МИА.

Климатските промени, исчезнување на биодиверзитетот, промена во користењето на земјиштето и изменети биохемиски циклуси, драстично измениле функционирање на планетата, наведуваат 18 водечки меѓународни истражувачи кои се потпишани на студијата.

Тие промени ја дестабилизираат комплексната интеракција на луѓето, океаните, тлото и атмосферата, предупредуваат авторите на документот со наслов Планетарни граници:Водич на човековиот развој на планетата што се менува (Planetary Boundaries: Guiding human development on a changing planet).

Со надминувањето на тие граници, не само што Земјата станува помалку гостопримлива, туку се поткопуваат и напорите за намалување на сиромаштијата и унапредување на квалитетот на животот на луѓето на планетата.

– Првпат во историјата на човештвото постои опасност од дестабилизација на целата планета, вели Јохан Роксторм, еден од авторите на студијата и професор по еколошки науки на Универзитетот во Стокхолм.

Научниците во 2009 година идентификувале и квантификувале девет планетарни граници во кои човештвото може да се развива и опастане – климатски промени, исчезнување на живи видови, циклус на азот во природата, киселост на океаните, плодност на земјиштето, свежа вода, озон, аеросили и хемиско загадување. Граничните вредности на преостанатите пет граници – оштетување на озонската обвивка, закиселување на океаните, вода за пиење, микроскопски честички во атмосферата и хемиско загадување, засега не се надминати.

Надминување на тие граници не предизвикува автоматски – хаос, но ја турка планетата во период на несигурност.

Научниците сметаат дека најсериозно е надмината границата на климатски промени. Моментната вредност на концентрација на јаглерод-диоксид во атмосферата, гас кој влијае врз пораст на температурата на Земјата, е 395 што е многу над граничната вредност од 350.

– Сега сме на ниво на кое може да се случат нагли и иреверзибилни промени, предупредува Роксторм истакнувајќи дека топењето може да предизвика исчезнување на арктичкиот леден „покривач“.

Резултатите од студијата ќе бидат дел од новиот документ за глобалните развојни цели кој ќе биде финализиран на конференција оа ОН во септември и кој треба да ги замени Милениумските цели за развој чиј рок истекува оваа година.

Научниците се надеваат дека нивната студија ќе придонесе за создавање рамнотежа меѓу неопходниот економски развој и еколошката одржливост.

– Само затоа што денес не сме сведоци на никаков колапс не значи дека не влегува човештвото во процес што може да не доведе до катастрофален резултат во овој век, заклучува Роксторм.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.