Планинар спасен од смрт – имал инфаркт додека планинарел

Педесет и седумгодишен планинар вчера е спасен откако доживеал срцев удар додека планинарел.

Тој го добил инфарктот додека учествувал на осмиот есенски планинарски марш организиран од страна на плалинарското друштво „ПОП“ – Делчево.

Од „ПОП“ вчера побарале помош за да се спаси планинарот кој токму во моменот се наоѓал на тешко пристапен планински терен.

По пријавата околу 12 часот, службеници од граничната полиција веднаш дошле на планината „Средна“, место викано „Орлов чукар“ атар на с.Разловци – делчевско.

Полицајците дошле до повредениот планинар и на истиот му е укажана прва помош, а потоа со службеното возило бил превезен до с. Разловци, каде што веќе било пристигнато возило за Итна медицинска помош од Здравствениот дом во Делчево. Потоа планинарот е пренесен до Клиничкиот центар во Скопје.

Според исказ на докторот од Итната медицинска помош, кај планинарот е констатирано ,,Акутен миокарден инфаркт” и токму навременатата реакција го спасила неговиот живот.