Планот на ОН за примирје во Алепо поддржан од ЕУ

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија денеска го поддржа планот на Обединетите нации за прогласување примирје во северниот сириски град Алепо, соопшти МИА.

Извештајот на претставникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистура вчера беше претставен пред министрите на ЕУ. Планот содржи „замрзнување на борбите“ со цел да биде доставена хуманитарна помош. Делови од Алепо се под контрола на бунтовниците, а одделни квартови се под контрола на владините сили.

– Ќе донесеме некои одлуки, така што ќе ги поддржиме напорите на ОН за „замрзнување на борбите“… во Алепо, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини по средбата со шефовите на дипломатијата.

Таа истакна дека прекинот на борбите не е важен само за хуманитарната ситуација и безбедноста на регионот туку тоа ќе биде „симбол на тоа, кое ќе може и треба да се направи за запирање на војната во Сирија“.

Могерини не посочи како ЕУ ќе помогне, додека министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн наведе дека ако има примирје во Алепо, ЕУ е подготвена да помогне со храна и лекови.

Европската комисија и Италија се договорија за создавање на фонд за поддршка на Сирија. Почетниот капитал на Фондот е 23 милиони евра, со кој треба да се активира собирање на хуманитарна помош за сириските бегалци.