Платформата на маса пред Заев: Прво целосна двојазичност, па влада

Пред денешните средби на лидерите на партиите со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје не се очекува да има одлука дали СДСМ и ДУИ ќе формираат влада. Лидерот на ДУИ Али Ахмети нема да пресече пред да ги слушне размислувањата на еврокомесарот, бидејќи, како што велат од партијата, каква и да е одлуката, интегративците нема да ја донесат без да се консултираат со меѓународните пријатели САД и ЕУ, пишува денешен Дневник.

Во очекување на Хан, двата преговарачки тима вчера продолжија со внатрепартиски консултации за предлозите што ДУИ и СДСМ веќе ги ставиле на маса за преговори за нова влада. СДСМ ќе треба да пресече дали ја прифаќа албанската платформа и законот за официјализирање на албанскиот јазик во цела Македонија да го донесе пред формирањето на владата.

ДУИ ќе треба да реши дали ќе отстапи од партискиот став дека нема да му даде потписи на лидерот на СДСМ Зоран Заев за мандат за влада доколку во пакет не биде договорено владиното партнерство. Од ДУИ и вчера имаше спротивставени позиции за тоа дали е можен брз договор за влада со СДСМ, во зависност од тоа дали информациите доаѓаа од крилото поблиско со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ.

Потпретседателот на ДУИ и учесник во преговорите со СДСМ, Невзат Бејта, вели дека партијата се залага за брз договор за нова влада. Тој вели дека одлуката за преговорите со СДСМ ќе биде обелоденета наскоро, но не пред средбата на Ахмети со Хан. Тој не прецизира дали ова значи дека веќе има договор за нова влада, само вели дека по средбата со еврокомесарот како учесник и олеснувач во целиот пржински процес ќе има потранспарентни информации за преговорите со СДСМ за нова влада.

– Ние се залагаме Собранието да почне да функционира и што поскоро да биде формирана влада, која ќе ги исполни барањата на сите граѓани на Македонија. Таа влада што ќе ги исполни сите барања на граѓаните ќе биде успешна и со таа влада ќе се врати правдата во земјава, а сите граѓани тоа и го сакаат – рече Бејта.

Тој вели дека одлуката на ДУИ за преговорите ќе биде објавена наскоро и посочува дека новата влада, која ќе биде формирана со еден ваков распоред на мандати, може да биде функционална и стабилна, доколку работи во интерес на граѓаните.

Наспроти оптимизмот на Бејта дека ДУИ деновиве ќе донесе одлука, шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, во телевизиска емисија не оперираше со рокови кога ДУИ ќе пресече. Сепак, Груби смета дека ако има конструктивен дух и ако постои подготвеност да се прифати албанската платформа, можно е наскоро да се донесе одлука. Претходно и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека станува збор за сериозна одлука, која ќе го трасира политичкиот пат во државава и затоа побитно е таа да биде правилна отколку навремена.

Груби изјави дека ако СДСМ ја прифаќа заедничката платформа на албанските партии, во која е и официјализирањето на албанскиот јазик, ќе нема друга пречка за формирање коалиција.

– Не гледам причина зошто да не прифатат. Не гледам причина зошто ниту еден Македонец да не прифати, бидејќи оваа платформа  и помага на социјалната кохезија, граѓанската еднаквост, и е добра за Македонија – вели Груби.

Спротивставени позиции во ДУИ има и за барањето на СДСМ прво да се обезбедат потписи за мандат и потоа да се преговара за влада.

Според партиски извори, потпретседателската тројка Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити не поминале најсреќно кога таа позиција ја реферирале пред партискиот лидер Ахмети. Нема информации дали Ахмети ќе инсистира на веќе утврдениот партиски став дека ќе нема потписи без договор за влада.

Спротивставените позиции во партијата навестуваат уште една жешка седница на Централното претседателство на ДУИ на која партијата ќе треба да пресече дали ќе донесе одлука за влада со СДСМ.

Од партијата брифираат дека остануваат на позицијата оти нема влада доколку Заев не ја прифати албанската платформа, особено официјализирањето на албанскиот јазик на целата територија. Поточно, се бара следниот распоред на чекори: договор за платформата, па договор за влада, потоа гласање во Собранието на законот за целосна двојазичност, па дури потоа и гласање за составот на владата. Од ДУИ брифираат дека на маса пред Заев е токму тоа: предлог за целосна еднаквост на албанскиот со македонскиот јазик на ниво на држава, сеедно што тоа е врзано за Уставот. Во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, откако Груевски го одбил предлогот за целосна двојазичност, најмногу се стигнало до „унапредување на употребата на албанскиот јазик на ниво на општини“, но потоа преговорите пропаднаа откако ДУИ инсистирала на ставот дека тоа е недоволно.