Македонија

Пленковиќ: Европската иднина на Македонија мора да се забрза

Пленковиќ: Европската иднина на Македонија мора да се забрза

Европската унија има голема одговорност за стабилизирање на ситуацијата во Македонија и нејзината европска иднина која мора да се забрза, порача хрватскиот европратеник Андреј Пленковиќ за време на расправата во Европскиот парламент посветена на ситуацијата во Македонија, пишува МИА.

Хрватскиот европарламентарец ја поддржа Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и изрази жалење што државата која уште во 2000 година ја парафира Спогодбата за стабилизација и асоцијација, 15 години подоцна се уште ги нема отворено пристапните преговори со ЕУ и покрај шест препораки од Европската комисија.

Тој нагласи дека тоа е лошо бидејќи таа фрустрација, како и блокадата за членство во НАТО во 2008, е дел од причините за случувањата во Македонија, пренесува хрватската агенција Хина.

Пленковиќ смета дека македонската опозиција би требало да учествува во работата на Собранието, наместо да го бојкотира, а истовремено владејачката партија во постоечките околности би требало да покаже политичка одговорност за појавите кои, како што вели, не се добри.

Пленковиќ изрази сочувство за загинатите полицајци во терористичкиот напад во Куманово и оцени дека е добро што албанските политички партии не ја поддржале таа провокација