Пленковиќ: На Македонија треба да и се подаде рака

Потпретседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Андреј Пленковиќ, изрази задоволство од усвоената Резолуција за Република Македонија, во која по деветти пат, Европарламентот препорачува итно отворање на преговорите за членство во Европската унија, јави МИА.

Во изјава за МИА, хрватскиот европратеник истакна дека е неправедно тоа што Унијата и го прави на Македонија со грчките блокади, апсолутно бескорисно и нема европски дух. Според Пленковиќ, денешната политичка криза во нашата земја е исто така резултат на фрустрациите од неправедната блокада во евроинтеграциите.

– Задоволен сум од Резолуцијата на мојот колега Иво Вајлг, што се однесува на напредокот на Македонија и нејзиниот процес на пристапување кон Европската унија. Посебно ми е драго што повторно се повикува на отворање на преговорите и дека тоа прашање треба да се стави на дневен ред и на Советот, независно на процесот на решавање на прашањето за името. Сметам дека е неправедно кон Македонија што веќе долго време тоа прашање ги блокира преговорите. Тоа не е ниту во европскиот дух, ниту е корисно и создава, се разбира, одредени фрустрации и проблеми на внатрешно-политичката сцена во Македонија, за што можеме да посведочиме во последно време, поради ова афера што во моментов се случува околу прислушувањето, истакна европратеникот.

Потпретседателот на АФЕТ-групата во ЕП, исто така, посочи дека најголем дел од европратениците во Брисел, многу јасно артикулирале дека „на Македонија треба да и се подаде рака”.

– Јасен е нашиот став дека треба да се следи препораката на Европската комисија и да се направи максимален напор за да дојде до отворање на преговорите со Македонија. Тоа е она за што јас се залагам подолго време и за што, се разбира, ние како хрватски пратеници овде во Европарламентот ќе настојуваме максимално да се ангажираме и ќе се залагаме и во иднина,  додаде Пленковиќ.

Утринава, со 47 гласа за и 10 против, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ја усвои Резолуцијата на известувачот Вајгл за Република Македонија, во која по деветти пат, европскиот законодавен дом бара итно отворање на пристапните преговори за членство на земјата во Европската унија. Новата Резолуција на Европскиот парламент, што ја изгласа Комитетот за надворешни работи, треба да ја потврди целиот состав (751 европратеник) на Европарлмаентот, на пленарна седница во Стразбур идниот месец.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.