Пленумците се враќаат на настава

Студентскиот пленум ќе ја прекине автономната зона на факултетите во земјата, откако вчера беше постигнат договор за нов закон за високо образование, пренесува МИА.

На настава студентите ќе можат да се вратат од утре, на оние факултети каде што имаше комплетен бојкот на наставата.

– По вчерашата одржана средба во Ректоратот, на која присуствуваме, на Генералниот пленум одлучивме по постигнатиот договор да ја прекинеме нашата окупација и да ги ослободиме факултетите и тие да се вратат на формалната настава. Мора да се каже дека власта односно надлежните ретерираа во својот став и попуштија на нашите барања, изјави денеска Стефан Видиков, од Студентскиот пленум.

Посочи дека нивни претставници ќе учествуваат во изработката на новиот закон за високо образование.

– За надворешно тестирање разговаравме на средбата и ни беше ветено дека такво нешто ќе нема. Во тие работни групи ќе учествуваме и ние, и професорскиот пленум, и сенаторите чиј што заеднички став е дека нема да прифатиме никаква форма на надворешно тестирање односно нема да направиме никаква одредба којашто ќе регулира каков било вид на надворешно тестирање, изјави Видиков.

Ивана Туфегџиќ најави дека Студентскиот пленум ќе продолжи со свои активности во аулите на факултетите, каде што ќе останат плакатите, со алтернативните предавања, на кои ќе се зборува и за студентските барања, прашања и проблеми, оти подоцна ќе бидат пренесени како прашања во работните групи.

– Ова е еден нов концепт и методологија на работа каде конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот кој нив го засега, а тоа е законот за високо образование, изјави Туфегџиќ.

Според неа, Студентскиот пленум сака да покаже дека креативноста што се роди на факултетите и алтернативните предавања треба да продолжат и кога ќе се донесе нов закон, бидејќи на студентите им фалело нешто повеќе од катедрите.

Туфегџиќ вели дека студентите нема да загубат од семестарот и испитите, имајќи предвид дека беше и испитна сесија и оти ќе постои договор за тоа како ќе бидат надокнадени предавањата и испитите.

Финалната верзија на предлог законот за високо образование, според претставниците на Студентскиот пленум, треба да биде готов за шест до осум месеци.

– Нема да има политички фигури во фазите на подготовка на законот. Државни службеници ќе бидат и од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии и советниците од кабинетот на претседателот на Владата. За 30 дена треба да биде готов костурот на законот и ќе се формираат работните групи. Во четвртата фаза ќе биде изготвен Предлог-закон кој ќе оди на јавна расправа, изјави Туфегџиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.