Плевнелиев: Односите меѓу Бугарија и Косово се одлични

Бугарија активно ги поддржува напорите на меѓународната заедница и на властите во Приштина за изградба на модерно, демократско и мултиетничко Косово, изјави бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на заедничката прес-конференција со неговата косовска колешка Атифете Јахјага во Приштина.

– За Бугарија, Косово е перспективен трговски и економски партнер во регионот, рече Плевнелиев.

Како што јави БТА, Плевнелиев, кој е прв бугарски претседател што ја посетува Приштина, посочи дека Бугарија е сериозен инвеститор во Косово.

– Балканот има огромен потенцијал, но само заедно можеме да го отклучиме. Заеднички ќе работиме на изградба на модерна инфраструктура во регионот за да се надмине лошата транспортна и енергетска поврзаност, бидејќи тоа е основната пречка за развој, посочи Плевнелиев.

Тој додаде дека стратешки приоритет на Бугарија е изградбата на автопатиштата Софија – Ниш и Ниш – Приштина.

– Нашите две земји имаат добри меѓусебни односи. Со претседателот разговаравме за проширување на соработката во областите како економијата и инвестициите, посочи Јахјага, додавајќи дека Бугарија е меѓу првите држави која ја признаа независноста на Косово.