Плоштадот во Влае е готов, до година ќе се гради црква

На дваесет и осми август, на големиот празник Голема Богородица, официјално ќе биде пуштен во употреба плоштадот во населбата Влае, лоциран до станбениот комплекс „Порта Влае“.

Плоштадот ќе го отвори градоначалникот Стевчо Јакимовски , а потоа во 21 часот концерт ќе одржи Влатко Лозановски, во рамките на културното лето „Kарпош 2014“.

Името на плоштадот ќе биде Влае, а шеталиштето зафаќа површина од 6.500 квадратни метри.

Плоштадот е хортикултурно уреден со зеленило и цвеќиња, односно со 10.000 цветни садници. Поставени се 50 канделабри, 60 клупи за седење, 20 канти за отпадоци и три фонтани за пиење вода. На овој простор, наредната година ќе почне изградба на црква со површина од 130 квадратни метри.

Според општинските власти, целокупниот проект чини околу 30 милиони денари.