По 54 години во Куба отворена американска амбасада

По 54 години во Куба отворена американска амбасада
По 54 години во Куба отворена американска амбасада

Првпат по 1961 година, американско знаме беше кренато денеска пред амбасадата на САД на Куба, за време на церемонија во присуство на американскиот државен секретар Џон Кери.

Кери се наоѓа во историска посета на Куба, и е прв шеф на американска дипломатија кој таму зачекори по 1945 година.

САД и Куба повеќе не се заложници на минатото – изјави Кери на церемонијата на отворањето на амбасадата на САД во Хавана.

Според него, отворањето на американската амбасада на Куба е клучен чекор кон нормализирање на односите меѓу САД и Куба. – Отворањето на американската амбасада на Кува ќе биде од полза на двете држави, рече тој.

Кери истакна дека обновувањето на дипломатските односи меѓу САД и Куба станало можно благодарение на смелите решенија на лидерите на двете земји – Барак Обама и Раул Кастро.

Кери истакна дека обновувањето на односите е признание за тоа дека децениите на изолација не довеле до демократска транзиција на Куба. Тој предупреди дека отворањето на американската амбасада во Хавана нема да доведе до неодложна трансформација на комунистичкиот остров.

Државниот секретар на САД рече дека за Кубанците ќе биде од поголема полза да имаат вистинска демократија, при која кубанскиот народ ќе биде слободен да си ги избира своите лидери.

Кери исто така потсети дека администрацијата на претседателот Обама цврсто го поддржува укинувањето на американското ембарго, наложено на Куба.

Државниот секретар на САД ја повика кубанската Влада а ги исполни меѓународните обврски во областа на почитувањето на човековите права и потсети оти Куба ќе одговара за својата иднина.

Дел од своето обраќање Кери го изнесе на шпански јазик.

Церемонијата за отворање на амбасадата на САД се одржа осум месеци, откако САД и Куба одлучија да почнат историски процес за зближување. На 20 јули беше отворена амбасадата на Куба во Вашингтон.

Кери во Хавана ќе се состане со кубанскиот министер за надворешни работи, но не и со претседателот Раул Кастро, ниту со поранешниот лидер на Куба, Фидел Кастро.

Кери на ова патување го следат тројца поранешни маринци, денеска 70-годишници, кои во далечната 1961 година го спуштиле американското знаме од зградата на амбасадата.

Кубанската телевизија престана да емитува цртани филмови и прејде на преносот од церемонијата на кревање на знамето на САД, прикажувајќи го Кери како пристигнува на аеродромот во Хавана, пренесуваат американските медиуми.

Околу 200 Кубанци веќе во 8:30 часот по локално време беа собрани пред амбасадата, меѓу кои и возачите на три „шевролета“ од 1950-тите години, што беа паркирани пред зградата.

Американската амбасада е сместена во истата зграда на Малекон, славното шеталиште во кое била и кога дојде до прекин на дипломатските односи.

 

Прочитајте повеќе:

Куба го сопре преносот на ХИВ и сифилис од мајка на дете