Рафиз Алити, по 6 години, повторно причина за престрелка во албанскиот блок

Зголемени тензии, оружени престрелки, несогласувања, ранети е билансот од инцидентот кој викендов се случи во партискиот штаб на ДУИ во Сарај. И овој пат  меѓу имињата кои се споменуваат за причина за инцидентот, е и Рафиз Алити, сегашен потпретседател на Собранието на Република Македонија.

Викендов на партискиот состанок во селото Кондово, за пресвласт на претседателското место, изби оружена пресметка меѓу приврзаниците на екс-министерот за правда, Блерим Беџети и активистите на Рафиз Алити, потпретседател на Собранието.

Во инцидентот пет лица се повредени, од кои еден потешко. Престрелката избила во кафеана во Kондово меѓу браќата Зејди и Јонуз Јакупи кои се посомневале дека браќата Незири вмешале прсти во неодамнешното преместувањето во службата на Јонуз, инаку професионален војник во АРМ, од Скопје во Велес, бидејќи Kенан Незири (еден од браќата Незири, кои пукале во петокот) бил возач на генералот во АРМ, Мухамед Рацај.

Браќата Јакупи важат за блиски на Беџети, а пак Незири за блиски на Алити што укажува на тоа дека сепак пресметката била политички и партиски мотивирана.

За време на инцидентот, Беџети бил надвор од државата, додека, пак, Алити бил на средба во Владата на Република Македонија.

Неофицијално се коментира дека инцидентот настанал поради меѓусебната битка за прв човек на Сарај. Меѓу овие две семејства, пред еден месец, исто така имало тепачка, но тогаш се завршила само со разменување на тупаници.

Од ДУИ демантираат дека инцидентот има политичка заднина, бидејќи, како што наведуваат во соопштението кое го испратија до јавноста, во моментот кога настанал инцидентот, ДУИ немала никаква активност во Сарај.

aracinovo-policija-3-520x229

Дали настанот беше повторување на веќе видено?

Во 2008 година, пак, на 3 јули, во селото Радуша се случи сличен ваков инцидентот во кој беше пукано во синот на Рафиз Алити, Бесфорд.

Бесфор Алити (25), син на тогаш пратеникот од ДУИ, бил целта на оружениот напад што се случил во 23.45 часот пред чајџилницата „Вита“ во скопското село Радуша, во кој девет лица беа повредени.

Алити и уште едно лице од повредените биле во критична состојба, но по извесно време тројцата закрепнале и биле пуштени на домашно лекување. Постоело сомневање дека еден од повредените, Сељам Салиу, учествувал во групата која го извршила нападот.

Мотивот за нападот била нетпреливоста меѓу Алити и напаѓачите. Инцидентот се случил на тој начин што група од десеттина лица со возила „Шкода“ и „Југо“ пристигнале пред чајџилницата и почнале да пукаат кон Алити. По увидот на МВР, на местото на инцидентот биле најдени околу 30 чаури, а се утврдило и дека петмина од напаѓачите со автоматско оружје, пиштол и ловна пушка пукале директно кон Бесфор Алити.

Епилогот од пукањето кон синот на екс-пратеникот резултираше со пресуди за 10 обвинети. Петмина добија затворски казни од по 9 години, а останатите петмина по 2,5 години, односно обвинетите Реџеп (34), Хатип (45), Емин (28) и Џељал Сали (51) се осудени на единечни казни од по девет, а второобвинетиот Меџит Сали (58) на десет години затвор. За обвинетите Гадаф (22), Сељим (54), Ќенан (24), Аднан (27) и Ведат Сали (29) судот изрече затворски казни во траење од по две и пол години.

Овој случај е решен за безмалку 12 месеци, односно пресудата Крвичниот суд ја донесе на 8 јуни 2009 година.

Каков ќе биде крајниот резултат од престрелката која се случи викендов, останува да видиме. Исто така, засега, наводно нема никаква поврзаност меѓу овие два оружени инциденти.