По бод за Нигерија и Иран

Без победник и без погодоци заврши вториот натпревар од групата „Ф”, дуелот помеѓу репрезентациите на Нигерија и на Иран.

За нијанса поблиску до посакуваните три бода беа репрезентативците на Нигерија кои го диктираа темпото, но не го пронајдоа патот до противничката мрежа.

Селекторот на Нигерија, Стефан Кеши, по натпреварот изјави дека иако посакувал победничко деби во Бразил, сега ќе мора да се задоволи со освоениот бод.

„Сакав победа, сакав три бода, но сега морам да се задоволам со еден освоен бод, со реми. Приметив дека сите мои фудбалери беа премногу нервозни, беа напнати. Такво нешто е непотребно, неприфатлива на оваа фудбалска сцена. Не одигравме како што треба, не бевме на висина на задачата. Мора да одиграме подобро во следниот натпревар против одличната репрезентација на БиХ. Само така ќе останеме во игра за втората позиција во нашата група”, изјави по натпреварот селекторот на Нигерија, Стефан Кеши.