По Бугарија, и Грција добила согласност од Заев да брише тоа што смета дека е спорно

По контроверзниот договор со Бугарија, и Грција добила зелено светло од премиерот Зоран Заев да брише тоа што смета дека е спорно, пренесуваат грчките медиумил, со што новата македонска влада предводена од СДСМ и Заев продолжува директно да работи против македонските интереси и сопствената држава. П

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ, најави дека со неговиот македонски колега Никола Димитров се договориле, како дел од мерките за градење на доверба, да се формира заедничка македонско-грчка комисија од експерти кои ќе ги разгледуваат македонските учебници, со цел да се отстранат сите иредентистички изјави, мапи и текстови.

Коѕиас, во интервјуто, најавува дека идната недела на 4 и 5-ти октомври во Солун ќе има средби со министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и Бугарија. Шефот на грчката дипломатија, говорејќи за државната ТВ ЕРТ откри детали од разговорите со неговиот македонски колега, за кого рече дека е интересна личност.

„Спорот со името во позадина крие еден проблем со иредентизам. Се надевам и верувам дека ќе постојат мерки од нивна страна за ограничување на иредентизмот. На пример, во Њујорк се согласивме со доста интересната личност,со министерот за надворешни работи на соседната земја, со господинот Николас Димитров дека ќе направиме заедничка комисија од ноември која за 4 месеци ќе работи и се надеваме дека ќе ја заврши нејзината работа, која ќе ги разгледа школските учебници за да се отстрани иредентизмот и мапите што постојат. Тоа е еден важен чекор што направиме, но постојат и други за кои што преговараме“,  рече шефот на грчката дипломатија за ЕРТ.

Никос Коѕиас во интервјуто, уште еднаш порача дека прво треба да се реши името, па потоа нашата земја да се интегрира во НАТО и ЕУ, а првпат ја коментираше и Времената спогодба за која вели дека има свои слаби точки.

„Нашата соседна, пријателска земја, како што велам јас, затоа што нашите народи имаат доста пријателски односи, не може да се интегрира во меѓународна заедница, од овој тип, како што е НАТО и Европската унија, без да е решено прашањето за името, согласно со тоа што го налагаат договорите од 90-те но и Времената спогодба. Налага да се реши. Слабата точка на времената спогодба беше дека претпоставуваше дека името брзо ќе се реши и затоа даваше можност соседната земја да бара прием во меѓународни организации и не предвидуваше, и ова е една слаба точка, кои мерки ќе се преземат доколку соседната земја не преговара суштински, затоа што сите овие децении, не преговараше“, вели министерот за надворешни работи на Грција.

Коѕиас коментираше дека треба да се почека да поминат изборите кај нас, за како што рече, самата влада да оцени дали се зајакнува или не и да покаже дали сака и дали може суштински да преговара за решение на спорот со името.