По четврти пат ќе се одржи фестивалот „Mariovo OFF-Road Experience“

Во прилепското село Манастир од 29 до 31 мај годинава ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Mariovo OFF-Road Experience“, во организација на Здружението за унапредување на велосипедизмот „Велоевропа“ .

Организаторите  на фестивалот очекуваат повеќе од 800 посетители. За првиот фестивалски ден најавуваат проекција на кратки филмови со спортска содржина и отворање изложба на фотографии од претходните години. Вториот ден е резервиран за целодневна забава со диџеи и бенд, курс по самоодбрана, аеробик вежби, кратко предавање за готвење. Сите спортски активности ќе се одржат во на последниот фестивалски ден (недела). Предвидено е да се изведат две маунтин бајк тури, една тура за друмски велосипеди, спортско трчање, планинарење и аеробик.

– Оваа година за прв пат ќе се вози нова маунтин бајк рута којашто ќе почнува од селото Манастир, и ќе ги посети селата Чаниште, Рапеш и Зовиќ. Малата мтб тура и спортското трчање ќе се изведат по стандардната рута, а планинарењето ќе оди од селото Манастир до Зовиќ и назад, изјави Слободан Трајковски од „Велоевропа“.

Пријавувањето за учество е во тек и картите можат да се купат во продажната мрежа на Купи карти за сè.

– Годинава прв пат  се направи и промоција на настанот надвор од Македонија и очекуваме голем број гости од балканските држави. Сè е подготвено за да го примиме големиот број учесници кои ќе треба да се појават на стартот во 10 часот во неделата. Недопрената природа на Мариово заслужува да биде споделена со што е можно повеќе луѓе, вели Трајковски.

Здружението „Велоевропа“ го организира настанот со поддршка на Општина Прилеп и програмата на УСАИД за поддршка на мали бизниси.