По Дибиров, Вардар остана и без Брумен и Абутовиќ

Актуелниот бранител на трофејот во регионалната СЕХА лига, Вардар ослабен замина во Веспрем во битка да го одбрани трофејот освоен лани во Нови Сад, откако покрај Тимур Дибиров, во составот не се ниту десното крило Матијаж Брумен, како и дефанзивецот Илија Абутовиќ, објавија “црвено-црните” на својата интернет-страница.

Вардарци ослабени одат во Унгарија, каде утре треба да го одиграат полуфиналето со Мешков Брест, откако Дибиров уште завчера скинал мускулно влакно и ќе мора да паузира седум дена.

Брумен пред последниот тренинг се пожалил на висока температура, додека Абутовиќ влече повреда, па стручниот штаб не сака да ризикува со нив, особено пред клучните два меча во четвртфиналето во Лигата на шампионите против полски Кјелце.

Со цел да не се ризикува, и да се остави доволно време за санирање на повредите, тројцата останаа во Скопје.

Денеска вардарци треба да имаат и тренинг во салата во која ќе го играат полуфиналниот натпревар со Мешков, закажан за утре од 17:45 часот.

Инаку познати се и конечните термини за одигрување на останатите натпревари на машкиот и женскиот тим на Вардар.

Вардар и Кјелце ќе го играат првиот четвртфинален меч од Лигата на шампионите во сабота на 11-ти април со почеток од 19:00 часот, а реваншот е на 19-ти април во Полска од 15:30 часот.

Април ќе биде комплетно во знакот на црвено-црната боја, бидејќи и женскиот ракометен тим ќе игра во четвртфиналето на ЛШ. Против Ѓер избраничките на Индира Кастратовиќ ќе играат во Скопје на 4-ти април од 19:30, а реваншот е една седмица подоцна во Унгарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.