По двеминутна средба, Иванов ги испратил Заев и Димитров од Вила Водно

Средбата денеска меѓу претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, траела само две минути, дознава „Нетпрес“. На средбата тие требаше да го информираат Иванов за постигнатиот договор за спорот што Грција го има со уставното име на Македонија.

Според нашите информации Заев и Димитров  му ја врачиле официјалната спогодбата за името. Иванов  го примил документот и им рекол дека ова што го направиле, досега ниту еден политичар не го направил во историјата на Македонија и дека го ставиле под залог македонскиот национален интерес.

По ова тој веднаш ги испратил двајцата гости од Вилата Водно.

Инаку, според договорот, новото име на Република Македонија е Република Северна Македонија за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот.

Од друга страна пак, Иванов инсистираше на решение кое нема да предизвика уставни промени. Македонскиот претседател во текот на вчерашниот ден оцени и дека несериозно и неодговорно е прашањето за името да се решава телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави.