По едномесечен штрајк, ДПА се враќа во Собранието

По едномесечен бојкот партијата на Мендух Тачи ќе се врати во Собранието и повторно ќе учествува во парламентарната работал, пишува дневниот весник „Утрински весник“. Ваква одлука се очекува партијата да донесе на шестиот конгрес на ДПА кој ќе се одржи во недела. Ова го најави партискиот портпарол Луан Треси по средбата на лидерот на партијата Мендух Тачи со евроамбасадорот Аиво Орав.

„Претседателот Тачи го информираше амбасадорот Орав дека по партискиот конгрес, кој што го имаме на крајот на оваа недела органите на партијата ќе се состанат и ќе донесат одлука за враќање на ДПА во Собранието“, изјави Треси.

Тој информираше дека на средбата амбасадорот Орав на партискиот лидер му го предал Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

„Претседателот Тачи му се заблагодари на амбасадорот Орав за добиената препорака за преговори со ЕУ. Доколку не ја добиевме препораката Македонија ќе одеше кон процес на слободен пат“, изјави портпаролот на ДПА.

На шестиот конгрес на ДПА што треба да се одржи во недела се очекува Тачи со едногласна поддршка да биде избран за лидер на партијата, а ќе се бираат и нови членови на партиското Централно собрание.