По ликвидацијата на Ивановиќ, под закана е уште еден српски политичар на Косово

Само еден ден по убиството на Оливер Ивановиќ, медиуми објавија дека уште еден српски политичар на Косово е во животна опасност.

Како што пишува порталот Indeksonline, нивниот извор од косовските разузнавачки кругови, им јавил дека и животот на Братислав Николиќ е во голема опасност. Со овие закани, за кои порталот тврди дека се сериозни, запознаена е и Косовската разузнавачка служба.

„Сериозни закани се упатени до градоначалникот на Штрпце, Николиќ. За тоа Агенцијата за разузнавање на Косово ги информира и сите други надлежни служби“, потврдиле од агенцијата.

Николиќ инаку е градоначалник на општината Штрпце од јануари 2010 година. Политичката кариера го водела од Социјалистичката партија на Србија (СПС) преку либералната партија до Српската напредна парти (СНС).

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај алудираше претходно дека убиството на локалниот српски политичар Оливер Ивановиќ е резултат на „незаконско мешање во северниот дел на Косово од страна на странски институции“.

На прес-конференција по вонредната седница на Советот за национална безбедност на Косово во вторникот, свикана убиството на Ивановиќ во Косовска Митровица, Харадинај не соопшти детали кои надворешни сили ги обвинува за вмешаност во убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“.

Косовскиот премиер истакна дека ја разгледува можноста да побара професионална помош во истрагата и од американското Федерано биро за истраги (FBI), но го отфрли српскиот повик да учествува во неа.

Харадинај го осуди убиството на Ивановиќ и побара ова злосторство да не се користи за разни политички цели.

„Ивановиќ беше активен во политичкиот живот, затоа ова убиство има мерки на политички злоупотреби или повеќе од тоа. Од моментот кога дознавме за таа вест, институциите ги презедоа сите мерки и обврски според законот и се уште се наоѓаат на местото на инцидентот. Ние го осудуваме тој чин и секој обид да биде злоупотребен за политички цели од било кого“, истакна Харадинај.

Косовскиот премиер додаде дека убиството на Ивановиќ е изолиран случај и ситуацијата на Косово е стабилна и мирна. „Тоа не значи дека не постои опасност од можни терористички напади“, рече уште Харадинај.