По невремето: 3,5 тони дензифекциски средства за здравствените установи

Засега во Македонија нема опасност од заразни болести по поплавите што ги зафатија Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, како и по вчерашните поплави во Скопје, посочи министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Преземена е мерка да се поделат 3,5 тони дезинфекциски средства на сите јавни здравствени установи во државата, но и на установите кои како резултат на вчерашното невреме беа поплавени. Тоа се три градинки и Детската клиника во Скопје“, рече Тодоров.

Во трите градинки и поплавените подрумски простории на Клиниката направена е дезинсекција и дератизација во и инспекциите се на терен. Одлучено е и да се спроведе засилена вакцинација, односно прочистување на картоните за вакцинација на вработените во комуналните претпријатија.

„Да видиме дали се вакцинирани, особено за тифус и доколку не се да се продолжи со вакцинација. Ова е една од мерките што ја даде и Свeтската здравствена организација за продолжување или непрекинување на постојаната вакцинација и засилена имунизација на населението“, истакна Тодоров.

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство на денешниот состанок донесла препораки и во однос на поплавите во регионот, пишува Дојче Веле.

Тие се однесуваат на подобра контрола на граничните премини и повисоко ниво на хигиенски мерки, контрола на сите бензиски станици долж коридорите, како и за упатување писмо за обезбедување што повеќе контејнери долж коридорите и нивно редовно чистење.

Донесена и препорака за патници кои патуваат во поплавените подрачја, без разлика дали одат приватно или како спасувачи и во хуманитарна помош, да внимаваат на личната хигиена, да консумираат безбедни вода и храна, термички обработена храна и добро миено овошје и зеленчук со чиста вода и избегнување контакти со заболени или угинати животни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.