По новите надлежности, на Јавното обвинителство му се потребни 42 службеници, од информатичари до советници

Согласно огласот, на Јавното обвинителство му се потребни 42 државни службеници со различен профил, од раководител и портпарол на одделението за поддршка на Јавниот обвинител преку инженери информатичари и нивни советници, до јавно обвинителски советници во одделнието за казниви дела и за општи работи.

Исто така ќе се вработат и секретар, архивар и уписничар, за кои е потребно средно или вишо образование.

За местата за јавно обвинителски советници потребно е кандидатите да имаат завршено високо образование или 300 ЕКТС и да имаат положени правосуден испит и да имаат најмалку една година работно искуство за работното место кое аплицираат.

Новите службеници му се потребни на Јавното обвинителство бидејќи на први декември стапи во сила новиот Закон за кривична постапка. Согласно Законот клучна улога во истрагите добива јавниот обвинител, додека пак се намалува улогата на судот во истрагата, односно се укинува функцијата Истражен судија.

Со новите измени, кои стапија во сила од неделата , се гарантира поголема ефикасност и мобилност на органот на прогонот во гонењето на сторители на кривичните дела.

Овие измени имаат за цел да ги направат обвинителите подостапни за граѓаните, да ги отстранат политичките влијанија и пред се’ да им гарантираат правичен пристап на странките во постапката.

Се работи на формирање на четирите истражни центри предвидени во Законот.

Според Републичкиот јавен обвинител најголема придобивка од Новиот закон за кривична постапка е можноста за договарање и признавање на вина, што ќе доведе до побрзо решавање на кривичните дела.