По објавата на видеото во кое Заев бара мито, тој повеќе нема кредибилитет да се занимава со политика

Македонската јавност денеска виде како политичар бара мито за да заврши работа. Поголем скандал во Македонија досега не сме имале. Не сме изненадени дека тоа е токму Зоран Заев кој јасно бара 100 илјади за себе и 100 илјади за црквата, а тука можеби се крие партијата“, изјави вечерва пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски по денешното објавување на видео снимка, во која Заев бара мито од 200.000 евра.

„Денес за прв пат македонската јавност виде како политичар најотворено бара мито за да заврши работа која по закон му е обврска. Ова до сега не сме го виделе. Поголем скандал не сме имале во 25 години демократија.

Секако, ВМРО-ДПМНЕ не е изненадена што тоа е токму Зоран Заев. Впрочем ние многу години говориме дека ова е карактер, стил и методологија на работа на Претседателот на СДСМ.

Зоран Заев на видеото бара 100.000 евра за себе, преку брат му Вице и 100.000 евра за Црквата, зад што како термин можеби се крие Партијата.

После ова видео се е јасно. Се се гледа на видео. Граѓаните денес знаат дека целата држава е заложник на Зоран Заев, целата штета на економијата, на инвестициите, на бројот на странските туристи е заради Зоран Заев. Целата дестабилизација на државата е само со една цел, да се спаси од овие видливи и јасни прекршувања на законите од негова страна.

ВМРО-ДПМНЕ денес е зачудена како Зоран Заев тврди дека видео материјал е сечен, монтиран и прелепуван. Зар е возможно тоа господине Заев? Нели вие тврдевте дека таква работа е невозможна кога станува збор за аудио материјали, па од каде сега тоа можело за видео материјали? Видео материјалот може да го видат сите граѓани и нивниот суд ќе е јасен. Ова е барање мито.

Дополнително, тој несвесно ја призна автентичноста на видеото. Потврди дека ова се случило.

Да зборуваме коректно и разумно. Зоран Заев, после ова видео, повеќе нема кредибилитет да се занимава со политика.

Денес, сосема одговорно, заради тоа што има две многу значајни политички функции од кои може да влијае на постапката, да се заканува врз сведоци, обвинители и судии за некое идно време, да прикрива документи и докази, од него бараме да си поднесе оставка од функцијата Претседател на СДСМ и од функцијата Градоначалник на Струмица. Така ќе овозможи истрагата и сите постапки да бидат објективни и транспарентни и без никакво политичко влијание.

Само така ќе покаже дека неговите ставови се принципиелни. Во спротивно се што до сега говореше му паѓа во вода. Тоа што го барал од другите, мора и сам да го направи.

Одговорните и сериозни политичари после ваква видео снимка си поднесуваат оставка. Дополнително, оставката на Зоран Заев сериозно ќе влијае на излез од политичката криза во која тој ја вовлече целата држава и внесе немир кај сите граѓани. Тоа ќе биде поздравено од сите сериозни луѓе во Македонија, но и од меѓународната заедница.

Го замолувам, емоциите да не го водат, ниту да ги слуша советниците од Сорос кои го доведоа до овде. Зоран Заев денес има одговорност да постапи според законите. Денес го видовме вистинското лице на СДСМ и Зоран Заев“, истакна Димовски на денешната прес конференција.