По одлуката на УЕФА, Србија го извлече подебелиот крај

Комисијата за Контрола, Етика и Дисциплина при УЕФА ја соопшти одлуката поврзана со мечот помеѓу Србија и Албанија.

Комисијата, која вчера одржа состанок, утрово соопшти дека мечот кој се играше на 14. Октомври официјално ќе биде заведен со службен резултат 3:0 во корист на репрезентацијата на Србија, поради како што е наведено, репрезентацијата на Албанија одбила да го доигра мечот.

Како и да е, иако на почетокот делува како одлука во корист на Србија, воопшто не е така.

Поради лоша организација, на Србија и се одземени три бода, што всушност се бодовите кои претходно и се доделени поради службената победа, а згора на тоа Србите следните два натпревари на домашен терен ќе ги играат без поддршка од трибините.

Како дополнение на овие казни, двете селекции се дополнително казнети со по 100.000 евра.

Кога на оваа одлука ќе се додаде и дека Албанија допрва ќе го одигра мечот против Србија на домашен терен, се чини дека ова “соломонско” решение на УЕФА е и тоа како во корист на Албанците, односно Србите го извлекоа подебелиот крај.

Со оглед на тоа дека одлуката беше соопштена рано утринава, сеуште нема официјални соопштенија од страна на фудбалските сојузи на Србија и Албанија, односно реакциите се очекуваат за нешто подоцна во текот на денот.

Двете федерации имаат право на жалба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.