По одлуката на Уставен, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот искажан во прогласот (ВИДЕО)

Сценариото за кражба на изборната победа не` прави поцврсти, поодлучни и поединствени во нашата намера да ја одбраниме демократијата, затоа што ние сме на страната на народот, правдата, правото и вистината и во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот искажан во прогласот на Извршниот комитет на партијата од саботата.

Ова го истакна Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, во однос на одлуката на Управниот суд кој се однесува на уважување на тужбата на СДСМ за прегласување на гласачкото место 2011 во Теарце.

-СДСМ и нивните налогодавачи срамно продолжуваат со обидот за кражба на кристално чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори. Судиите од Управниот суд кои гласаа за уважување на тужбата на СДСМ донесоа противправна одлука водена од политички мотиви. Притисоците врз Судот кои се случуваа од СДСМ, медиумите блиски до СДСМ, како и некои други фактори однадвор, вродија со плод да доведе до скандалозен правен преседан кој говори за политичка мотивираност во одлучувањето, наместо водење според правни факти и докази.

Еден, додаде Тодоров, од најголемите докази за противправното одлучување на судиите кои одлучуваа за оваа тужба е фактот што, нестандардно за судската пракса, во одбразложението од одлуката не се наведени конкретните законски причини и основи заради кои се носи оваа одлука, туку е наведена една општа формулација која е несвојствена, нетипична и која отстапува од правните стандарди, а тоа е дека се случувале низа неправилности- кои се тие неправилности, за какво тип неправилности станува збор, тоа воопшто не е содржано во образложението на пресудата.

-Ова е дел од поголемото сценарио чија цел е поништување на волјата на граѓаните и постизборен инженеринг за фалсификување на волјата на граѓаните и за фалсификување на изборите на кој мнозинството од 455 илјади граѓани гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Ќе потсетам, сето ова започна со противправните одлуки кои ги донесе Државната изборна комисија за да подоцна целиот овој инженеринг се префрли на Управниот суд.

Едноставна е математиката, рече Тодоров, СДСМ на ова гласачко место може да ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ, само и исклучиво преку овој таканаречен изборен инжинеринг за што ќе се таргетираат точно определен број на гласачи преку кој СДСМ ќе се обиде да ја фалсификува волја на сите граѓани која беше дадена на легитимни фер и демократски избори кои се одржаа на 11-ти декември.

-После сето ова дури и за најтврдокорните, но објективни поддржувачи на СДСМ им е јасно дека се работи за срамен обид за фалсификување на волјата на граѓаните на Република Македонија, подвлече Тодоров.