„По политиканската „Еурека“ на Шкариќ, дури и Архимед ќе се преврти во гроб“

По политиканската „Еурека“ на професорот Шкариќ, дури и Архимед ќе се преврти во својот гроб, велат од Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Оттаму, во врска со изјавата на професорот Светомир Шкариќ дека претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски го прекршил Уставот на Република Македонија и го распуштил Собранието пред да потпише одлука за нови избори, изразија пред се длабоко разочарување на оваа политиканска „Еурека“ од еден, како што велат, еминентен професор.

Имено, само по себе се поставува прашањето како е можно прво да се потпише одлука за распишување на парламентарни избори, а потоа Собранието да се распушти. Според член 63 од Уставот на Република Македонија, Собранието може да се самораспушти во секое време ако така одлучи мнозинството од пратениците, а секој пратеник било кога може да поднесе иницијатива за распуштање на Собранието. Понатаму, го упатуваме професорот д-р Шкариќ да види како било постапувано до сега кога станува збор за распуштање на Собранието, на пример во 2008, 2011 и 2014 година и кога тогашниот претседател ја потпишал Одлуката за распишување на парламентарни избори. Дали пред распуштањето или по распуштањето на Собранието? Понатаму, во случај на воена и вонредна состојба (истиот член од Уставот) претседателот на Собранието, иако е тоа распуштено, може да свика седница на Собранието со стариот пратенички состав. И на крајот, по завршувањето на парламентарните избори, откако Државната изборна комисија ќе ги прогласи официјалните резултати, Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Навистина, после оваа политиканска „Еурека“ на професорот Шкариќ, дури и Архимед ќе се преврти во својот гроб, стои во рекацијата од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.