По посетата на Груевски: Решено барањето на земјоделците од Чучер Сандево

При последната посета на Никола Груевски на скопското село Бразда, земјоделците од повеќе населени места од Општината Чучер Сандево истакнаа дека се соочуваат со проблем за продажба на производот арпаџик, поради недостаток на декларација која е законски потребна, и поради тоа што арпаџикот не е внесен во регистерот на семиња. Поради овој проблем како што истакнаа земјоделците, тие се спречени да го продаваат.

Со арпаџикот може да ни помогнете, бидејќи тоа е автохтона сорта македонска стара на кромид, но не е влезен во регистарот за семиња на Република Македонија. Треба да има декларација бидејќи има проблем со продажба. Тоа што ќе го произведеме не можеме да го однесеме на пазар, рекоа земјоделците од Бразда на средбата со Груевски.

Барањето на земјоделците од Чучер Сандево за продажба на арпаџик е решено. Земјоделците ќе може непречено да го продаваат својот производ. Тим од министерството за земјоделие на чело со заменик министерот Ванчо Костадиновски беше во посета на земјоделците од овој регион при што беше изнајдено решение.

Земјоделците од Бразда и околните места ќе може непречено да го продаваат арпаџикот кој им е основна дејност.

Костадиновски објасни дека за добивање на потребната декларација и регистрација на семенскиот материјал ќе биде потребно формирање на земјоделска задруга која што во првите години нејзината работа ќе биде финансиски поткрепена и поддржана од Владата.

За да може да се регистрира семето, да можете нормално да си продавате на пазар и да нема проблем ниту Инспекторатот за земјоделство, за утре кога ќе дојдат да видат дали се спроведува законот за семе и саден материјал да нема казнување. Тука сме договорени сите да најдеме решение, да формираме земјоделска задруга, ќе си одредите лице агроном, ќе си има директор на задругата, ќе ве организира и ќе можеме да го регистрираме мелникот, истакна Костадиновски.

Кирил Тодоров од агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објасни дека се нуди огромна поддршка за организирање на задруга.

Поддршката што моментално ја дава држвата е доста голема за формирање на задруга, наназад неколку години се поддржува формирање на задруги и задругарството да се врати на македонските простори. Има голема поддршка, една цела мерка во програмата за рурален развој е насочена за формирање на задруги и поддршка на задругите во почетните периоди кога и треба, потенцираше Тодоров.

Формираната задруга од Владата може да добие финансиска поддршка за водење на сметководство и други услужни дејности, ќе бидат покриени две бруто плати за двајца вработени доколку ангажираат во првите 5 години, ќе има поддршка за осигурување на посевите, и 90% поддршка односно надомест за земјоделска механизација која преку програмата за рурален развој враќа државата токму преку формираната задруга.

Земјоделците презадоволни од постигнатото решение кое за нив ќе преставува надминување на голем проблем.

Целиот процес ќе биде поддржан од соодветните институции истакна директорот на државниот инспекторат за земјоделие Цветан Трипуновски, а како една од солидните предности е што на тој начин земјоделците ќе може да си ги добијат и соодветните субвенции.

Наједноставниот начин е со регистрирање на задруга, значи колективно здружување, регистрирање и плус дополнителната поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка во смисла на механизација, бруто плати и сите останати работи, подвлече Трипуновски.

И плус она што ви е најпримарно, да си го продавате без никаков проблем она што со години го работите и по што сте и познати, да ве вклопиме во законското решение, а потоа да можете и субвенциите да си ги земате, додаде Костадиновски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.