По пожарот во Холандија запрена најголемата рафинерија во Европа

Рафинеријата на компанијата Shell во Ротердам, којашто е најголемата во Европа, во неделата ја запре работата поради пожарот кој избувна ноќта кон неделата, соопшти управата на рафинеријата.

„Shell го запре своите погони поради проблеми предизвикани од пожарот“, изјавил портпаролот на овој англиско-холандски нафтен гигант, пренесува агенцијата AFP.

Компанијата предвидува дека рафинеријата би можела повторно да биде ставена во производство доцна ноќта кон понеделникот.

Пожарот избувна ноќта кон неделата поради краток спој на електричните инсталации. Пожарникарите рано утрото успеаја да го стават огнот под контрола.
Рафинеријата Shell Pernis во Ротердам, со околу 60 погони, е најголемата европска рафинерија и една од најголемите во светот.