По предлог на МВР, ФФМ одлучи дека натпреварите викендов ќе се играат без публика

Викендот што следува ќе остане запаметен во македонскиот фудбал и спорт воопшто, бидејќи на прволигашките и второлигашките натпревари ќе биде забрането присуство на публика.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница, денеска, објави дека по препорака на Министерството за внатрешни работи (МВР) поради безбедносни причини сите натпревари од 31-то коло во Првата лига и сите од 26-то коло во Втората лига ќе се играат пред празни трибини.

“Базирано на последните случувања во Куманово, во моментов најмалку лошо решение е да се игра вака, без публика на сметка на фудбалскиот амбиент. Овие мерки се донесени заеднички со МВР и сметаме дека се неопходни, поради што ова коло ќе постапиме вака. Се надеваме дека следното коло работите ќе се смират и ќе се сталожат и повторно фудбалот ќе се игра во во вистински спортски амбиент”, изјави за “Спортмедиа” комесарот за натпреварување при ФФМ Васко Дојчиновски.

Малку е чудно што засега ваква забрана има само за на фудбалските натпревари, а истата, барем засега, не се однесува на натпреварите од другите спортови како ракомет и кошарка. В петок на програмата е вечното кошаркарско дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички, кое треба да се игра во “Јане Сандански”, а многу веројатно е уште едно дерби и тоа во завршницата на ракометниот Куп на Македонија помеѓу Вардар и Металург. Овие натпревари секогаш се од висок ризик и често минуваат со инциденти, но тоа не беше причина МКФ и РФМ да забранат присуство на публика.

Безбедносната ситуација во државава се стабилизираше по случувањата во Куманово изминатиот викенд, кога осум припадници на македонската полиција го загубија животот во борбите со терористите. Минатата недела без никакви проблеми се одиграа два натпревари во рамки на плеј-аутот во Првата лига, а два дена подоцна, односно вчера се играа и дуелите од плеј-офот исто така без никакви проблеми.

Најпрво прволигашките и второлигашките натпревари беа преместени комплетно да се играат оваа сабота, поради големиот протест што се најавува за во недела на 17 мај од страна на опозицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.