По пријавата на СДСМ против судијата Поп Стефанија, СЈО бара нејзино изземање

Лицата опфатени во случајот „Тврдина“ утринава беа повикани на распит во Скопскиот Кривичен Суд. Судијката Александра Поп- Стефанија која е надлежна за случајот ги сослушува екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, началникот Горан Грујевски и уште тројца вработени во МВР осомничени за уништување на опрема за прислушување, пишува „Прес 24“.

Според информации од истрагата, Специјалното јавно обвинителство побарало изземање на судијата на претходна постапка Александра Поп- Стефанија откако за неа кривична пријава поднесе СДСМ. Ова е уште еден координиран настап на СДСМ и СЈО. Кривичниот суд во изминатиот период беше под силен притисок од СДСМ и СЈО. На притисокот реагираше и Судскиот Совет.

Кривичната пријава на СДСМ против судијката Александра Поп- Стефанија е веројатно прв случај во историјата на македонското судство, политичка партија да отвори кривичен прогон против судија поради донесена судска одлука која не е по нивна желба.

По неколку дневните закани со кои СДСМ врши силен притисок врз судската власт, преку соопштение реагираше Зоран Караџовски актуелен претседател на Судскиот совет.

-За жал во Република Македонија дневните партиски препукувања се повеќе и се погласно се прекршуваат преку грбот на судиите и генерално судскиот систем. Судската одлука по својата природа може да предизвика незадоволство кај една страна. Но, не е исправно користејќи ги судските одлуки да се даваат предлози кои прозвучуваат како јавно искажана закана и сеење страв за целата фела. Сите што располагаат со релевантни докази за незаконско работење на судија тоа треба да го пријават во надлежно јавно обвинителство, бидејќи само на тој начин „политичарите и политикантите“ би докажале дека се за владеење на правото, а не за анархија, вели Караџовски.

Притисоците и заканите од страна на СДСМ врз судската власт траат подолго временски период, од нападите на нивни поддржувачи кон Уставниот суд, преку нивните општински организации, па се до јавни изјави на највисоко ниво.