По САД и Израел најави истапување од УНЕСКО

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во четвртокот дека Израел се подготвува за излегување од УНЕСКО, неколку часа откако САД објавија дека истапуваат од агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура.

Израелскиот премиер ја нарече американската одлука „храбра и етична“, се наведува во соопштението од кабинетот на Бенјамин Нетанјаху. Се додава дека Нетанјаху наложил дека министерството за надворешни работи да почне подготовки за напуштање на УНЕСКО.

САД во четвртокот ја извести споменатата агенција на ОН дека истапуваат од нејзиното членство, обвинувајќи ја за „антиизраелско дејствување“.

Вашингтон уште на почетокот на јули ја најави намерата да преиспита својот однос кон УНЕСКО по одлуката на ова телот стариот јудејски град Хеброн, на Западниот брег, да го прогласи палестинско културно наследство на листата нс светското наследство.

Овие судири започнаа кон крајот на ноеври 2016 година кога Комисијата на УНЕСКО донесе резолуција во којашто изразува жалење поради „нелегалните ископувања“ од страна на Израел во старото градско јадро на Ерусалим, споменувајќи го Платото на џамијата наместо еврејскиот назив Ридот на храмот. Таа резолуција дојде осум дена по резолуцијата на Извршниот совет на УНЕСКО, агенција за културата и светското човештво при Обединетите нации, на истата тема која предизвика жестока реакција од Израел.

Комисијата за културното наследство, во којашто влегуваат 21 земја членка, со консензус пред една година го донесе споменатиот текст на предлог на Кувајт, Либан и Тунис, во кој се изразува жалење поради „штетите“ и „незаконските ископувања“ на Израел во старото градско јадро на Ерусалим и се бара од оваа земја да го почитува статус-квото на светите места.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тогаш по одлуката на УНЕСКО оцени во соопштение дека резолуцијата на комисијата е „продолжување на театарот на апсурдот“. „Екстремистичките исламистички сили уништуваат џамии, цркви и археолошки наоѓалишта, а Израел е единствената земја во регионот којашто ги чува и осигурува верските слободи за сите религии. Треба да се осуди Комисијата за културно наследство на УНЕСКО,а не Израел“, вели Нетанјаху.

Извршниот совет на УНЕСКО на 18-ти октомври 2016 година донесе резолуција за источен Ерусалим (палестинскиот дел од Светиот град), поради заштита на палестинското културно наследство во која се негира илјадагодишната поврзаност на Евреите и овој град. Израел веднаш ја прекина соработката со оваа организација.