По седми пат избрани најдобрите трговски објекти за оваа година

Град Скопје во соработка со Агенцијата „SWOT Research“, по седми пат го спроведе истражувањето за најдобри трговски објекти за 2013 година, реализирано во рамки на проектот Месец на Трговијата, а денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на добитниците  им додели јавно признание во форма на плакета.

„Месец на трговија е проект кој Градот Скопје го организира по седми пат со цел да ја разбуди свеста кај трговците и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата спрема купувачите, како и заради подигнување на општото ниво на квалитет во трговските објекти на територијата на Градот. Овој проект Градот Скопје го организира  со цел да го поттикне и поддржи развојот на трговијата и да укаже на потребата од следење на современите текови и примената на модерните технологии во овие стопански гранки. Ние сме особено горди што со сите спроведени истражувања, од година во година, можеме да видиме дека голем дел од трговците континуирано работат во насока на подобрување на услугата и целат кон развој на трговијата следејќи ги трендовите од Европа и светот. Во оваа пригода сакам да им честитам на оние трговски објекти што оваа година согласно со истражувањето се вброени во најдобрите и да Ви порачам на сите трговци да соработувате меѓусебно, и да разменувате идеи, а Градот Скопје ќе остане посветен на унапредување на квалитетот на услугата во сите трговски објекти и истовремено сакам да потенцирам дека градската администрација, Секторот за локален економски развој и јас како Градоначалник на Град Скопје ви стоиме на располагање и за  какви било сугестии и идеи од Ваша страна, ние сме тука да Ве поддржиме и заедно да работиме за зголемен развој на трговијата“, истакна градоначалникот Трајановски.

Истражувањето се спроведува по пат на т.н. mystery shopping, односно преку директна посета на независни и објективни тајни купувачи кои го истражуваат и оценуваат квалитетот на услугата во трговските објекти според однапред утврдени критериуми.

Во рамки на проектот се спроведуваат вкупно 1.000 посети на тајните купувачи и тоа по три посети на еден објект, во сите седум категории трговски објекти, а годинешни добитници по категории се: „Тинекс“, „Тедико супер“ и „Нова маркет“ во категоријата супермакети.

Во категоријата на салони за мебел најдобри се: „Леснина Ми“, „Мебел Ви“ и „Акрон“. Најдобри парфимерии, според ова истражување се: „Тесори ди Маре“, „Еликсир ексклузив“ и „Ри-Ма“. Бутиците „Енци Менци“, „Фокабо“ и „Конели“ се најдобрите трговски објекти според ова истражување…

 Испитувањето, секоја година, се спроведува според следните 6 критериуми: изглед на продажното место, прв контакт со вработените, услуга на вработените, продажни вештини, завршен контакт и задоволство со купувачкото искуство.

Резултатите од истражувањето  јавно се презентираат  пред добитниците и трговците во форма на заклучоци и препораки за во иднина. Врз основа на резултатите од истражувањето, се избераат три најдобри трговски објекти од секоја категорија што постигнале највисок вкупен резултат на испитаните елементи на услугата.

Годинава најдобри резултати постигнале парфимериите и продавниците за козметички производи, па веднаш по нив објектите за продажба на мебел и оние за накит, па бутиците, продавниците за апарти за домаќинство и бела техника и за компјутерска опрема, а на последно место според сумирањето на резултатите се наоѓаат супермаркетите,  чиишто вработени реално не можат да им посветат доволно внимание на сите купувачи одделно.