По снегот, во регионот се очекува и смрзнат дожд

Земјите од регионот втор ден по ред се под снег. Снежните наноси понекаде го отежнуваат сообраќајот, што главно е забавен, а најавени се нови врнежи во вид на смрзнат дожд, јави Танјуг.

Денеска во Босна и Херцеговина се очекува претежно облачно време. Претпладне се очекуваат врнежи на повеќе места низ Херцеговина, западните и северозападните подрачја на Босна.

До крајот на денот и во вечерните часови врнежи се очекуваат и во цела земја. Главно ќе врне дожд, што може да се заледува во допир со тлото. Во повисоките подрачја е можно провејување на снег. Врнежите во Херцеговина и југозападна Босна ќе бидат од умерен, а во остатокот од земјата со послаб интензитет. Ветрот ќе биде со слаб до умерен источен и североисточен правец. Утринската температура ќе биде од -12 до – шест, на југ од -еден до четири, а највисоката дневна ќе биде од – три до два, на југ од шест до 10 степени.

Во вторник времето ќе биде облачно со дожд во Херцеговина. Во Босна ќе провејува снег и ќе има дожд, а во повисоките подрачја снег. Врнежите ќе бидат со слаб до умерен интензитет. Поинтензивен снег се очекува во планинските подрачја. Утринската температура ќе биде од – осум до – два, на југ од три до шест, а највисоката дневна од 0 до пет, на југ од осум до 11 степени.

Откако за време на викендот снегот целосно покри одредени делови од Хрватска, денеска и утре ширум земјата се очекуваат многу ниски температури. Според актуелните податоци на Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) за 7 часот, најмногу снег има во Завижан (30 сантиметри), во Слуњ (24 сантиметри), во Сисак (23 сантиметри), во Огулин (26 сантиметри), во Кутина (21 сантиметри), во Карловац (26 сантиметри), во Хрватска Костајница (33 сантиметри), во Госпиќ (28 сантиметри), во Нова Градишка (23 сантиметри), во Делница (22 сантиметри), на Рисњак (22 сантиметри) и на мерните станици во Загреб-Максимир (15 сантиметри), Загреб Грич (15 сантиметри) и Загреб-аеродром (13 сантиметри).

Во денешната  прогноза, ДХМЗ јавува дека треба да се очекува претежно облачно време, со повремени врнежи претпладне во западните предели, а од средината на денот во речиси цела Хрватска.
На копното и натаму ќе паѓа снег, а во Лика и внатрешноста на Далмација е можен краткотраен дожд што ќе се смрзнува на тлото. На повеќе места на Јадранот се очекува дожд, а на северниот дел може да падне и малку снег.

Во Црна Гора денеска ќе биде претежно облачно, повремено ќе врне дожд, а во северните предели и снег, во пониските предели главно во утринските часови.

Ке дува повремено умерен до јак ветар од јужни правци.

Утринската температура на воздухот ќе биде од – пет до 10, а највисоката дневна од еден до 12 степени.

Метеоролозите и за следните денови прогнозираат врнежи, што ќе бидат поинтензивни во среда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.