По строгата селекција уште 198 кандидати за полициски пилоти

Од вкупно 466 кандидати по распишувањето на огласот за прием на 12 полициски пилоти во Министерството за внатрешни работи, строгата селекција и тестовите успеа да ги минат 198 кандидати, соопшти денеска Министерството.

„По завршувањето на тестовите за познавање на англискиот јазик од вкупно тестираните 298 кандидати, тестирањето го минаа 214 кандидати (од кои 102 со високо и 112 со средно образование). Според половата структура овој тест го минаа 182 кандидати од машки пол и 28 кандидати од женски пол. По однос, пак на завршената селекција за утврдување на здравствена способност на кандидатите според критериумите за полициски службеник од 214 кандидати, селекцијата успешно ја минаа 198 кандидати“, се вели во информацијата од МВР.

Во следниот период селекцијата ќе продолжи со фазата на земја која што ќе се изведува од страна на експерти од “Елбит Системи“ од Израел, во Центарот за обука на пилоти на аеродромот Александар Велики.

Инаку како што претходно МВР ја информираше јавноста на конкурсот за прием на 12 извршители (пилоти) со и без работно искуство којшто беше објавен на почетокот на годинава се пријавија вкупно 466 кандидати, по што се започна со ригорозната селекција преку фазата на административно тестирање и проверката на моторичките способности на пријавените кандидати.