По втор пат се одржа манифестацијата „Прв до врв“

Со повеќе трки и настани денеска се одбележа третиот роденден на жичарницата на Водно со одржување на манифестацијата „Прв до врв”.

Во рамки на оваа манифестација се одржаа две трки, каде стартот беше кај основното училиште „Кочо Рацин”, а целта на врвот на планината Водно, кај Милениумскиот крст. Трките беа во дисциплините планински велосипедизам и во планинско трчање – одење, каде покрај професионалните(лиценцирани) атлетичари и велосипедисти, се натпреваруваа и рекреативци.

На целта кај Милениумскиот крст се обрати и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„Денес врвот на Водно е целта кон која масовно се упатуваа илјадници планинари и велосипедисти земајќи учество во спортско-рекреативниот настан “Прв до Врв”. Трета година по ред, првиот викенд од јуни граѓаните на Градот Скопје го одбележуваат денот на Водно и роденденот на жичарницата „Милениумски Крст”. Жичарницата со која пред три години и Градот Скопје се приклучи на голем број на европски градови кои имаат вакви слични жичарници, како Загреб, Салзбург и Барселона. Жичарницата која само изминатата година има превезено околу 300.000 патници“, рече градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Трајановски додели и дел од медалите за најдобрите во повеќе дисциплини.

Покрај трките, како дел од оваа манифестација ќе биде настапот на музичкиот состав South park.

Организатор на манифестацијата „Прв до врв” е ЈСП – Скопје во соработка со жичарницата „Милениумски Крст”, преку реализација на здружението за забава, спорт и рекреација „Виктори Интернационал“ и коорганизаторот „О 2“ од Скопје, заедно со Атлетската и Велосипедската Федерација на Македонија.
Овој настан е финансиски поддржан од страна на Градот Скопје.